Пејачката Бебе Реџа изрази поддршка за протестот на албанските студенти во Северна Македонија кои бараат правосудниот испит да се полага на албански јазик, истакнувајќи ја врската на албанскиот јазик со националниот идентитет и принципот на еднакви права во мултиетничката држава.
Пејачката Бебе Реџа, која живее и работи во САД, а има потекло од Македонија, реагираше по најавата за протестот на албанските студенти во земјава, кои бараат правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Протестот е закажан за денеска.
Во објава на Инстаграм, пејачката вели дека албанскиот јазик е длабоко поврзан со националниот идентитет и дека генерации се бореле за негово зачувување.

„Нашиот албански јазик е длабоко вкоренет во нашиот идентитет. Со генерации се боревме да го зачуваме и да го одржиме во живот“, напиша Бебе Реџа.
Таа пишува дека Северна Македонија е мултиетничка држава, изградена врз коегзистенција и еднакви права за сите заедници, посочувајќи дека албанскиот е признат како коофицијален јазик.
Во реакцијата, пејачката истакна дека албанските студенти заслужуваат исти права и можности како и сите останати.
Протестот на албанските студенти ќе започне во 16:30 часот кај Камениот мост во Скопје.
Бебе Реџа е родена на 30 август 1989 година во Бруклин, Њујорк, од родители Албанци од Македонија. Нејзиниот татко, Фламур Реџа, е роден во Дебар и емигрирал во САД на 21 година. Нејзината мајка, Букурије, е родена во Соединетите Американски Држави во албанско семејство со корени во Гостивар.











