Државата не може да личи на Лас Вегас, вели премиерот за коцкањето

Макфакс

17/05/2026

12:20

161

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски ги образложи новите законски решенија за игрите на среќа кои имаат за цел да воведат ред и ограничувања во коцкарската дејност со цел заштита на државата од негативните последици од неконтролираното ширење на казината.

Премиерот Христијан Мицкоски во врска со предлог-законот за игрите на среќа изјави дека новите законски решенија имаат цел да воведат ред и ограничувања во оваа дејност, нагласувајќи дека државата мора да се заштити од негативните последици на неконтролираната експанзија на казината и објектите за коцкање.

„Имаме чувство дека државата наликуваше на Лас Вегас. Буквално, на секој чекор гледавме дуќани, кои со силни светлечки реклами се рекламираат на овој тип на игри на среќа, пред сè тука мислам на казината и коцкањето, и некако како по правило до нив веднаш имате канцеларија за брзи кредити. Па веднаш до нив имате заложувалница и така натаму.

Тоа е некаков систем кој мораме да го регулираме и цениме дека претставува систем кој, за жал, е причина за многу семејни несреќи и човечки трагедии. Со овој закон се регулира оваа дејност, повеќе нема да има таков тип на реклами кои привлекуваат внимание. Во некои места дури цели мали населби имаа по неколку казина, буквално не личеше тоа на ништо.

Со овој закон, свесни за последиците, можеби и за фискалниот ефект, но ние цениме дека мора да се стави ред и дисциплина во игрите на среќа и дека државата не може да наликува на Лас Вегас“, вели Мицкоски.

Во врска со реакциите дека законот бил донесен нетранспарентно и „мафијашки“ и дека тоа ќе значи отворање врата на црно пазарење и губење на илјадници работни места, Мицкоски вели дека законот бил ултратранспарентен.

„Беа повикани буквално сите засегнати страни да учествуваат во неговата изработка. Нормално е дека не можеме да се усогласиме сто проценти со оние кои се дел од тој бизнис, бидејќи тие имаат свој интерес. Ние го штитиме интересот на државата и граѓаните.

Не мислам дека ќе има нелегални приредувања на игрите на среќа и не мислам дека ќе се изгубат работни места. Едноставно се става дисциплина и поинаков лик, поинаква перцепција ќе имаат македонските граѓани“, изјави Мицкоски.