Метју Меконахи поради притисокот од славата живеел 22 дена во Перу без струја и под лажно име: „Морав цврсто да останам приземјен“

Точка

16/05/2026

08:30

502

Големина на фонт

а а а

Американскиот актер Метју Меконахи откри дека во еден период од животот целосно се оддалечил од Холивуд и поминал 22 дена во Перу без електрична енергија за да се справи со притисоците од раната слава.

Како што наведе во разговорот „No Magic Pill“, 56-годишниот актер во текот на тој период го користел исклучиво името Матео за дополнително да се дистанцира од статусот на славна личност.

„Морав цврсто да останам приземјен, па се препуштив. Одам во Перу. Требаше да го пронајдам, да ја проверам неговата вистинитост. Знаев дека го има, само морав повторно да си го докажам тоа. Сепак, се преиспитував, сега кога станав познат, ја имам сета оваа поврзаност со ова и со она. Се обидував да дешифрирам кој дел е вистински, а кој дел е с*ање“, изјави Метју Меконахи.

Актерот објасни дека првите 12 дена од неговото патување биле непредвидливи, додека вториот дел од престојот за него претставувал своевидно просветлување.


„Сега веќе бев доволно долго на тоа место за да кажам: ‘Можам да живеам вака. Ова би можел да биде мојот живот’. Штом дојдеш до тоа да кажеш: ‘Можам да го направам ова’, тогаш си во фазон: ‘Па, можам да се вратам дома’“, изјави тој.

Метју Меконахи додаде дека му било важно да запознае луѓе кои не го доживувале како славна личност.

„Морав да запознаам луѓе кои ме познаваа како Матео и на крајот од тие 22 дена, солзите во нивните очи и солзите во моите очи и прегратките што ги имавме во тагата и среќата на разделбата, сето тоа беше засновано на човекот кого го запознаа под името Матео, кој немаше никаква врска со славната личност. Тоа повторно го потврди мојот сопствен идентитет: ‘Ох, сè уште го имам тоа. Ова се темели на мене’“, додаде тој.

Неговото заминување во Перу се случило во раните фази на славата, а години подоцна повторно се оддалечил од Холивуд кога со семејството се преселил во Тексас.

Причината за тоа било незадоволството од фактот што филмската индустрија сè повеќе го врзувала исклучиво за романтични комедии по успехот на филмовите „The Wedding Planner“ и „How to Lose a Guy in 10 Days“.


Добитникот на Оскар минатата година во разговор за „Interview Magazine“ изјави дека заминувањето од Холивуд во тој момент од кариерата било застрашувачко и дека дури размислувал за сосема поинакви професии.

„Мислам дека ќе предавам во средно училиште. Мислам дека ќе студирам за диригент. Мислам дека ќе станам водич за диви животни“, изјави актерот.

Тој додаде и дека одбивањето на понуда за романтична комедија вредна 14,5 милиони долари испратило јасна порака до Холивуд.

„Тоа веројатно го доживеав како најбунтовнички потег во Холивуд бидејќи навистина испратив сигнал дека не блефирам“, порача тогаш славниот актер.