Холандски научник: „Халеевата комета“ е именувана по погрешна личност

Точка

14/05/2026

18:59

479

Големина на фонт

а а а

За откривањето на кометата што се појавува на секои 76 години, според него, заслужен е англиски монах од 11 век, а не британскиот астроном и математичар по кого го добила името.

Халеевата комета е именувана по погрешна личност, тврдат од Универзитетот Леиден во Холандија. За откривањето на кометата што се појавува на секои 76 години, според нив, заслужен е англискиот монах од 11 век Еилмер од Малмсбери, а не британскиот астроном и математичар по кого денес го носи името.

Истражувањето што го спровел професорот Симон Портегис Цварт со своите соработници покажува дека монахот Еилмер уште во 11 век поврзал две набљудувања на кометата, што подоцна го опишал хроничарот од 12 век Вилијам од Малмсбери.

Во записите на Вилијам се нашол и текст за Еилмер.


„Дојде, нели? Помина долго време откако последен пат те видов; но сега, кога повторно те гледам, многу си пострашен, бидејќи гледам дека носиш пропаст за мојата татковина“, ги пренел наводните зборови на монахот од 1066 година.

Во усното предание, овие појавувања често се поврзувале со смрт на кралеви, војни или глад на Британските Острови.

Кометата што не се спомнува во хрониките, а за која се верува дека претходела на смртта на надбискупот Сигерик од Кентербери во 995 година, може да се толкува како историски еквивалент на лажни вести или како претерување на настаните, веројатно со цел да се заплаши британското население со Божји гнев поради гревовите на народот, наведуваат од Универзитетот „Leiden“.


„Монахот Еилмер (Аетхелмаер) од Малмсбери морал веќе да биде во поодминати години кога во 1066 година по вторпат ја видел Халеевата комета. Тој сфатил дека истата комета ја видел и претходно, во 989 година. Кралот уште еднаш, како што било вообичаено во тоа време, бил предупреден за претстојна катастрофа“, истакнал Портегис Цварт.

Халеевата комета е именувана по Едмонд Халеј, кој во 1682 година ја поврзал со претходните појавувања од 1531 и 1607 година. Тој заклучил дека станува збор за истата комета, која се враќа приближно на секои 76 години.

Прецизно предвидел дека повторно ќе се појави во 1758 година, иако починал 16 години претходно.


Подоцна било потврдено дека просечниот период на нејзиното кружно движење изнесува 76 години, иако варира меѓу 74 и 79 години.

Најстариот познат запис за нејзиното појавување датира од 239 година пред нашата ера и потекнува од кинески хроники.

Следното појавување на Халеевата комета се очекува во 2061 година.