Кириите повеќе не се златна кокошка за сопствениците на станови во Македонија

Денар

14/05/2026

16:17

915

Големина на фонт

а а а

Се менува сликата на пазарот на станови. Она што до вчера се издаваше за неколку телефонски повици, денес знае да стои со месеци на оглас. Сопствениците сè уште бараат високи кирии, закупците сè почесто преговараат, а бројките од Катастар покажуваат дека пазарот почнал да кочи. И тоа не малку.

Според најновите податоци на Агенцијата за катастар на недвижности, во првиот квартал од годинава, во споредба со четвртиот квартал од минатата година, закупот на станови бележи пад од 47 проценти. Речиси половина помалку. Истовремено, намалување од 40 проценти има и кај вкупната месечна закупнина.

На хартија, тоа се само проценти. Во реалноста, тоа значи празни станови, подолго чекање на закупец, повеќе нервоза кај сопствениците и сè повнимателни станари кои веќе не прифаќаат секаква цена само затоа што станот е во Скопје, Охрид или во некоја „добра населба“.


Пазарот, очигледно, испраќа сигнал дека нешто се сменило.

Изминатите години становите се доживуваа како најсигурна инвестиција. Купи стан, издај го, парите ќе си течат. Така размислуваа многумина. Дел од граѓаните вложија заштеди во недвижности, дел купуваа со кредит, дел наследени станови ги претворија во месечен приход. Се создаде впечаток дека киријата може само да расте и дека секој стан, без разлика на состојба, локација или опременост, ќе најде закупец.

Но, пазарот не работи вечно на инерција.

Кога цените на становите отидоа нагоре, нагоре тргнаа и очекувањата на сопствениците. Гарсониери се нудеа како мали апартмани, двособни станови како „луксузни урбани решенија“, а мебел стар петнаесет години често се продаваше како „целосно опремен стан“. Закупците, пак, во меѓувреме се соочија со повисоки трошоци за храна, сметки, превоз, кредити и секојдневен живот. И некаде мораше да пукне.


Познавачите на пазарот велат дека падот на закупите не мора веднаш да значи драматичен пад, но е јасен знак дека побарувачката веќе не ја следи понудата со исто темпо. Дел од становите се прескапи за тоа што го нудат. Дел се на локации каде што интересот не е толку силен како што мислат сопствениците. Дел, едноставно, се појавија на пазарот во момент кога закупците почнаа да мерат двапати пред да потпишат договор.

Закупец кој пред една година би прифатил цена без многу преговарање, сега прашува за сметки, за греење, за паркинг, за состојба на зграда, за лифт, за интернет, за мебел. Сопствениците, пак, сè уште не сакаат лесно да ја спуштат цената. Секој си има своја математика. Едниот смета колку го чини животот, другиот колку платил за станот или колку рата плаќа во банка.

А меѓу нив стои пазарот. Ладен, без емоции.

Особено интересен е падот од 40 проценти кај вкупната месечна закупнина. Тој податок покажува дека не се намалил само бројот на закупи, туку и обемот на пари што се врти преку кириите. Со други зборови, помалку станови се издаваат и помалку пари влегуваат во тој сегмент. Тоа веќе е посериозен сигнал од обично сезонско движење.


Се разбира, првиот квартал секогаш може да има свои специфики. По празници, по зимски трошоци, пред нова студентска или работна сезона, пазарот знае да биде побавен. Но пад од 47 проценти не е бројка што може лесно да се тргне настрана. Не е ситна корекција, не е мало затишје. Тоа е предупредување.

Аналитичарите посочуваат дека дел од причините може да се бараат и во претходното нагло поскапување на недвижностите. Кога цените на становите растат брзо, многу сопственици автоматски ги креваат и кириите, иако платите не растат со ист ритам. Закупецот не живее од квадратен метар, туку од плата. Ако киријата му изеде половина примање, тој ќе бара поевтина опција, ќе се пресели подалеку од центар, ќе дели стан со некого или ќе остане подолго кај родителите. Не е романтично, ама е така.

Во Скопје тоа најдобро се гледа. Становите во поатрактивните населби и понатаму држат високи цени, но се забележува поголемо пребирање кај закупците. Стан што нема паркинг, нема добро греење или е со застарен мебел, веќе не поминува лесно само затоа што е „на добра локација“. Луѓето пресметуваат. И кога ќе пресметаат, често велат: многу е.


Од друга страна, сопствениците не се подготвени брзо да попуштат. Дел од нив сметаат дека падот е привремен. Дел веруваат дека со доаѓање на нова сезона побарувачката ќе се врати. Дел, пак, едноставно не сакаат да издадат под одредена цена, па макар станот стоел празен и неколку месеци. Но празен стан не носи приход. Носи трошоци.

Токму тука се гледа судирот меѓу очекувањата и реалноста.

Пазарот на недвижности долго време се однесуваше како да нема граница. Секој квадрат поскап, секоја кирија повисока, секој оглас со зборови како „идеален“, „луксузен“, „ретка понуда“. Но границата, изгледа, почна да се појавува. Помалку повици. Подолги огласи. Повеќе прашања. Повеќе „ќе размислам“.

И тоа „ќе размислам“ е можеби најдобриот опис на моменталната состојба.

Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.