Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја, со децении на Западот беше речиси карикатурален симбол на празни булевари, широки авении без сообраќај и град во кој автомобилот беше привилегија на државата, војската и партискиот врв.
Но, таа слика во последните години почнала да се менува, пишува „Ројтерс“.
Според сведоштвата на посетители и анализите на сателитските снимки што ги прегледал „Ројтерс“, во Пјонгјанг е забележан нагол пораст на бројот на автомобили. Паркинзите пред хотелите, пазарите и забавните центри сè почесто се полни, возилата се оставаат и по околните улици, а градот првпат се соочува со проблеми типични за големите метрополи: сообраќаен метеж, недостиг од паркинг и сè поголем број приватни возила.
A surge in private cars is transforming North Korea's Pyongyang, bringing traffic jams and parking shortages to one of the world’s most isolated countries, according to verified footage and satellite imagery https://t.co/dL1rNEN1B5 pic.twitter.com/DkvAEu3GKP
— Reuters (@Reuters) May 12, 2026
Промената делумно се поврзува со новите правила кои во последните две години овозможија формално приватно сопствеништво на автомобили. Граѓаните со возачка дозвола сега можат да купат едно возило по домаќинство преку државни продавачи. Во практика, сепак, таков луксуз и понатаму можат да си го дозволат главно припадниците на елитата и побогатите претприемачи.

Сè повидлива е и кинеската трага. Иако санкциите на Обединетите нации од 2017 година го забрануваат извозот на возила во Северна Кореја, кинеските податоци покажуваат силен раст на извозот на автомобилски делови, од гуми и ретровизори до масла за подмачкување. Според тврдењата на повеќе извори, автомобилите и понатаму влегуваат во земјата преку неформални канали преку границата со Кина.

„Премногу автомобили“
На улиците на Пјонгјанг денес можат да се видат кинески модели од марките „Чанган“, „Чери“ и „Џили“, но и луксузни европски автомобили како БМВ и Ауди.

Жолтите регистарски таблички, наменети за приватни возила, станаа сè почеста глетка таму каде што некогаш доминираа сините и црните таблички на државните и воените автомобили.

Еден фотограф од Сингапур, кој повеќепати ја посетил Северна Кореја, за „Ројтерс“ изјавил дека за време на последниот престој го изненадило нешто што во Пјонгјанг до неодамна речиси и не постоело — вистински сообраќаен метеж во центарот на градот.
„Главните сообраќајници станаа тесни грла затоа што сега едноставно има премногу автомобили“, рекол тој.
Се проценува дека бројот на приватни автомобили во Северна Кореја следната година би можел да надмине 20.000. Цените се движат од околу 5.000 до 30.000 долари, а на купувачите им се достапни и бензински и електрични модели.

Во градот веќе се појавиле и првите полначи за електрични возила, додека Ким Џонг Ун неодамна посетил нов автосервис и разгледал повеќе луксузни автомобили.

Северна Кореја и понатаму е една од најсиромашните и најзатворените земји во светот. Но, сè погустиот сообраќај во Пјонгјанг покажува дека дури и таму, зад санкциите, идеологијата и контролата, секојдневниот живот полека се менува.















