Вардар се врати на врвот во макеоднскиот ракомет со доминантна игра и извонредни настапи во сезоната во која промовиран за прв тренер беше Иван Чупиќ, а после освоените титули во домашното првенство и во Купот, клубот е решен да го награди хрватскиот стручњак.
Иако во раната фаза од сезоната имаше сомнежи околу тоа дали Чупиќ е доволно искусен да го води Вардар, поранешното крило докажа дека и тоа како е подготвен да го води тимот, па после успешната премиерна сезона во Скопје, сега ќе добие заслужена награда.
Претседателот на Вардар, Михајло Михајловски потврди дека Хрватот ќе добие нов договор, а тоа го направи во обраќање во интервју за „Спортското радио 90,3фм“.
– Имав состанок со Чупиќ и разговаравме за ново продолжување на договорот. Тој дојде во Вардар со двегодишен договор, а сега ќе ја продолжиме соработката за уште една година, – гласи изјавата на Михајловски.
Покрај двете титули на домашната сцена, Вардар играше и во четвртфиналето во Европската лига на ЕХФ, а со нови сили и нови играчи, Чупиќ ќе ја започне следната сезона со цел што подобро прикажување во Лигата на шампиони.





