Министерот за надворешни работи на Грција реагираше на пронаоѓањето на морски дрон во Јонското Море, укажувајќи на сериозна закана од проширување на војната во Украина кон Медитеранот. Грција потенцира дека регионот мора да остане безопасна зона без воени случувања, предупредувајќи и на потенцијални економски и еколошки ризици поврзани со овој конфликт.
Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, изјави, откако беше пронајден дрон во близина на островот Лефкада во Јонското Море, дека ширењето на војната во Украина кон Медитеранот „нема да се толерира“.
Герапетритис, по средбата во Атина со својот хрватски колега Гордан Грлиќ Радман, рече дека Медитеранот мора да остане „зона на мир“ дури и без воени операции, објави Катимерини.
„Секое претворање на Медитеранот во театар на воени операции, нема да се толерира“, рече Герапетротис, додавајќи дека Грција „ќе се погрижи Медитеранот да остане море на мирот, кое им припаѓа на неговите народи“.
Инцидентот предизвика загриженост во Атина откако минатата недела во близина на Лефкада беше откриен морски дрон, за кој грчките власти се сомневаат дека е од украинско потекло и дека имал за цел да нападне руски брод во Средоземното Море. Според грчките власти, станува збор за таканаречен дрон „камиказе“ од типот „мамаи“, кој украинските сили го користат во Црното Море, а бродот наводно бил опремен со експлозиви.
Украина постојано негираше какви било информации за дронот, додека истрагата за потеклото и мисијата на уредот сè уште е во тек во објектите во Скарамагас во близина на Атина.
Грчката национална одбрана ја спроведува истрагата, додека делови од крајбрежната стража учествуваа во првичните проверки, вклучително и отстранувањето на експлозиви и детонатори од уредот, кој беше префрлен на воен надзор, пренесува Танјуг.
Атина ги информираше сојузниците во НАТО и Европската Унија за случајот, изразувајќи загриженост дека конфликтот од Црното Море би можел да се прошири кон Медитеранот и Егејското Море.
Грчките власти, исто така, предупредуваат на можни економски и еколошки последици во случај на напад во близина на брегот, вклучувајќи ги и ризиците за комерцијалните танкери во регионот.











