Еден од најпознатите модерни интернет-хорор феномени, познат како „The Backrooms“, добива своја филмска адаптација која во кината пристигнува на 29 мај 2026 година.
Научно-фантастичниот хорор, кој започна како вирална приказна за бескрајни жолти соби и чувство дека реалноста е нарушена, на големото платно го носи продукциската куќа A24.
Дејството на филмот и актерската екипа
Филмот го режира Кејн Парсонс, авторот на исклучително популарната Јутјуб-серија на која се темели приказната. Дејството следи терапевтка чиј пациент исчезнува во димензија надвор од реалноста, откако во подрумот на салон за мебел откриваат необична врата.
За да го спаси, таа мора да влезе во непознатото и да се соочи со концептуалниот ужас што ја демне, пишува „Collider“. Главните улоги ги толкуваат Чуетел Еџиофор, познат по „12 години роб“, како Кларк и Ренате Реинсве, позната по „Најлошата личност на светот“, како д-р Мери Клајн. Во филмот играат и Марк Дуплас, Фин Бенет, Лукита Максвел и Аван Џогија. Сценариото го потпишува Вил Судик, а меѓу продуцентите се истакнати имиња од жанрот како Џејмс Ван и Шон Леви, заедно со Озгуд Перкинс и Питер Чернин.
На што се темели филмот?
Концептот произлезе од морничава фотографија објавена на интернет, која прикажува празен, жолтеникав канцелариски простор со стар влажен килим и треперливи флуоресцентни светла. Идејата е дека човек може да „испадне“ од реалноста, слично како при грешка во видеоигра и да заврши во „заднинските соби“ — бесконечна низа простори надвор од границите на познатиот свет.

Стравот не произлегува од чудовишта кои демнат наоколу, бидејќи таму нема ништо. Стравот е во чувството на заробеност во бесконечен лиминален простор. Тоа се места што делуваат нејасно познато, како напуштени канцеларии, ходници или подруми, но во нив нема излез, логика ниту помош.
Ужасот се темели на целосна изолација и сознанието дека сте безнадежно изгубени во средина што им пркоси на законите на реалноста.









