Гнев кај работниците на „Meta“: Следуваат откази, воведуваат следење на движењето на глувчето – „Сакаат сите да нè заменат“

Точка

13/05/2026

12:31

349

Големина на фонт

а а а

Летоци се појавиле во салите за состаноци на „Meta“, на автоматите за продажба и на дозерите за тоалетна хартија во канцелариите на компанијата, а во нив се повикуваат вработените да потпишат онлајн петиција против воведувањето на тој софтвер.

Вработените во технолошкиот гигант „Meta“, матичната компанија на „Facebook“, во вторникот делеа летоци на неколку локации во американските канцеларии на компанијата за да протестираат против софтверот за следење на движењето на глувчето кој неодамна бил инсталиран на нивните компјутери, објави „Reuters“, повикувајќи се на фотографии од памфлетите.

Летоците се појавиле во салите за состаноци, на автоматите за продажба и на дозерите за тоалетна хартија во канцелариите на компанијата, а ги повикуваат вработените да потпишат интернет петиција против воведувањето на софтверот.


„Не сакаш да работиш во фабрика за извлекување податоци за вработените?“, гласи текстот на летокот, пренесува „Reuters“, повикувајќи се на фотографиите што ги добиле на увид. Протестите доаѓаат една недела пред најавеното отпуштање на 10 проценти од работната сила во компанијата.

Ова е највидливиот знак досега за раѓање синдикално движење во технолошката компанија, наведува „Reuters“, бидејќи барем дел од вработените својот гнев поради плановите на компанијата за преобликување на работната сила според потребите на вештачката интелигенција почнале да го насочуваат кон синдикално организирање.

Со месеци вработените во „Meta“ на интерните платформи и форуми се жалат на планот на компанијата за масовни отпуштања оваа година, за кој „Meta“ ги информирала вработените повеќе од еден месец откако „Reuters“ првпат извести за темата, како и на воведувањето на софтвер за следење на движењето на глувчето, за кој многумина сметаат дека всушност помага во развојот на ботови што треба да ги заменат.


„Meta“ го оправдува софтверот за следење

На барањето да ја коментира ситуацијата, портпаролот на „Meta“, Енди Стоун, го упатил „Reuters“ на претходно соопштение на компанијата за технологијата за следење на движењето на глувчето.

„Ако развиваме агенти кои ќе им помагаат на луѓето во извршување секојдневни задачи на компјутер, на нашите модели им се потребни реални примери од вистинска човечка употреба на компјутер, како движења на глувчето, кликање на копчиња и навигација низ паѓачки менија“, стои во соопштението.

И во летокот и во петицијата авторите се повикуваат на американскиот национален закон за работни односи, во кој се наведува дека „работниците имаат законска заштита кога ќе одлучат да се здружат со цел подобрување на условите за работа“.


Во Обединетото Кралство, група вработени во „Meta“ започнале синдикално организирање со синдикатот на работници во технолошкиот сектор „UTAW“, огранок на синдикатот на работници во комуникацискиот сектор. Вработените креирале интернет-страница за регрутирање членови користејќи го URL-от „Leanin.uk“, што е референца на насловот на бестселерот на поранешната главна оперативна директорка на „Meta“, Шерил Сандберг, во кој таа ги охрабрува жените да бараат еднаквост на работното место.

Претставничка на синдикатот „UTAW“ за „Reuters“ ја потврди британската кампања.

„Вработените во „Meta“ ја плаќаат цената на непромислените и скапи шпекулации на менаџментот. Додека директорите бркаат шпекулативни AI стратегии, вработените се соочуваат со разорни укинувања на работни места, драстичен надзор и суровата реалност дека се принудени да тренираат неефикасни системи со кои планираат да ги заменат“, изјави Елинор Пејн од „UTAW“.