Најдлабоката точка во Јадранското Море: Зона на вечна темнина каде што живеат суштества кои изгледаат како да не се од овој свет

Точка

12/05/2026

10:26

951

Големина на фонт

а а а

На околу 80 км од Херцег Нови, морското дно нагло се спушта кон Јужнодјадранската котлина, единствениот дел од Јадранот кој по длабочина, но и по други карактеристики, потсетува на вистински океански подморски предели.

Јадранското Море многумина го доживуваат како мирно, топло и питомо, но под неговата површина се крие сосема поинаков свет — длабок, мрачен и сè уште недоволно истражен. Иако голем дел од Јадранот е релативно плиток, особено на север, неговиот јужен дел крие импресивни длабочини.

Јадранското Море е најголем залив на Средоземното Море и со остатокот од Медитеранот е поврзано преку Отрантската врата. Неговата површина изнесува речиси 139.000 квадратни километри, а крајбрежната линија е една од најразгранетите во светот.

Просечната длабочина на Јадранското Море изнесува помеѓу 170 и 250 метри, зависно од подрачјето и начинот на мерење. Додека северно од Пула длабочината главно не надминува 50 метри, ситуацијата драматично се менува кај Палагрушкиот праг, подморски гребен кој го дели поплиткиот северен од значително подлабокиот јужен Јадран.


Зад тој природен праг, морското дно нагло се спушта кон Јужнодјадранската котлина, единствениот дел од Јадранот кој по длабочина, но и по други карактеристики, потсетува на вистински океански подморски предели, пишува „Pun kufer“.

Токму таму, во Јужнодјадранската котлина, големиот подморски басен јужно од Палагружа и околу 80 км југозападно од Херцег Нови, е измерена и најдлабоката точка на Јадранското Море — 1.330 метри. Тоа е речиси пет пати подлабоко од просекот, што најдобро покажува колку се менува релјефот на морското дно кон југ.

На такви големи длабочини владеат сосема поинакви услови — сончевата светлина таму не допира. Поради тоа, длабокото подморје е населено со организми прилагодени на екстремни услови. Иако јадранското подморје последниве години интензивно се мапира и истражува, научниците сметаат дека голем дел од подводниот свет сè уште е непознат.

Условите на таа длабочина се екстремни и се одредени од висок притисок, ниски температури и целосно отсуство на светлина. Тоа е зона на вечна темнина, а без светлина нема фотосинтеза, што значи дека таму нема растенија ниту фитопланктон. Живиот свет се потпира на органски остатоци што тонат од површината или на предаторство.


Исто така, притисокот таму е огромен, па живите суштества што опстануваат на тие длабочини немаат воздушни шуплини, како рибен меур, кои би се срушиле под тој товар.

И покрај тоа што изгледа негостољубиво, таа котлина е дом на специфични видови. Таму живеат длабокоморски риби како удичарките (Lophiiformes) или риби од семејството Myctophidae. Исто така, дното е богато со специфични видови ракчиња и главоножци.

Значи, на дното на Јужнодјадранската котлина животот не е згаснат, туку преминал во облик кој нам ни делува вонземски, а всушност е само прилагоден на екстремните услови.