[ФОТО] Јапонците отворија медицинска лабораторија без луѓе: Експериментите ги спроведуваат роботи

Точка

11/05/2026

19:15

242

Големина на фонт

а а а

Универзитет во Токио отворил лабораторија во која роботи самостојно спроведуваат медицински експерименти што досега ги извршувале истражувачи, со цел во иднина речиси целиот научен процес да се автоматизира.

Центарот за иновации во роботиката се наоѓа во кампусот на Институтот за наука Токио во квартот Јушима, а во моментов во него работат десет роботи, меѓу кои е и хуманоидниот модел Махоло Лабдроид. Во лабораторијата нема постојан човечки персонал, пренесе агенцијата Кјодо.

Универзитетот планира во следните години значително да го зголеми бројот на роботи и системите за автоматизација да ги поврзе со вештачка интелигенција.


Роботите, со помош на две раце, можат да извршуваат прецизни задачи како дозирање реагенси, отворање уреди со контролирана температура, како и поставување и отстранување примероци. Автоматизиран е и процесот на одгледување клетки.

Планот е до 2040 година бројот на роботи да се зголеми на околу 2.000, за да можат да ги извршуваат речиси сите истражувачки задачи – од создавање хипотези до експериментална проверка на резултатите.

Раководителот на центарот, Кеичи Накајама, порачал дека сака јапонската наука да ја направи најдобра во светот, истакнувајќи ги вештачката интелигенција и роботиката како клучни алатки за остварување на таа цел.


Роботите учествувале и на церемонијата на отворање, како и во симболичното сечење на лентата.

Проектот доаѓа во момент кога истражувачките институции се соочуваат со недостиг на работна сила и потреба од намалување на човечките грешки во лабораториската работа.

Роботот Махоло веќе се користи во болница во Кобе, специјализирана за офталмологија, каде што учествува во клинички истражувања на матични клетки и во процеси на одгледување клетки.