Замислете секој човек да има најдобар пријател кој секогаш е достапен, никогаш не осудува, во целост се согласува со вас и не бара ништо за возврат. Дали таквиот однос би го решил проблемот со осаменоста со кој денес се соочуваат милиони луѓе? Експертите велат – не. Напротив, предупредуваат дека таквиот „пријател“ би можел дополнително да ја продлабочи осаменоста.
Тој потенцијален најдобар пријател веќе постои во форма на вештачка интелигенција, технологија за која извршниот директор на „Meta“, Марк Закерберг, минатата година изјави дека би можела да помогне во борбата против чувството на изолација и осаменост, пишува „CNN“.
Проблемот е реален и итен. Светската здравствена организација во 2023 година ја прогласи осаменоста за глобален здравствен приоритет, додека американскиот министер за здравство истата година ја нарече национална епидемија. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои живеат во социјална изолација имаат 32 проценти поголем ризик од предвремена смрт.
Во новата документарна серија на „CNN“, „Kara Swisher Wants to Live Forever“, новинарката Кара Свајшер го истражува влијанието на осаменоста врз долговечноста и се обидува да открие дали вештачката интелигенција навистина помага во борбата против изолацијата или, пак, дополнително ја влошува.
Свајшер испробала и АИ-друштво и градење реални односи. Вештачката интелигенција имала одредена привлечност, но не можела да се спореди со чувството што го добила во интеракција со вистински луѓе.
„Социјалните мрежи беа вовед во АИ-друштвото“, смета д-р Шери Таркл, професорка на „Massachusetts Institute of Technology“ („MIT“). „Прво разговаравме едни со други преку машини. Сега разговараме директно со машините. Се навикнавме приврзаноста да ја бараме преку екрани.“

Илузија на пријателство
Разбирливо е луѓето кои се чувствуваат осамено, изолирано или емоционално оддалечено да се свртат кон машина која е програмирана да комуницира како човек.
Проблемот, како што објаснува д-р Роуз Гуингрич, истражувачка за интеракција меѓу човек и вештачка интелигенција од Универзитетот Принстон, е што најранливи се токму луѓето кои веќе се најосамени.
Луѓето со исполнет социјален живот на АИ-чатботовите гледаат како на алатка, додека оние кои копнеат по подлабоки емоционални врски многу почесто развиваат приврзаност кон технологијата.
За луѓето кои бараат блиски односи, стравот од осуда или негативна реакција често претставува голема пречка во социјалните интеракции. Во разговор со чатбот тој ризик исчезнува.
Некои корисници се свесни дека разговараат со машина, но им е доволна самата симулација на поврзаност. Други, пак, почнуваат да веруваат дека алгоритмот навистина поседува емоции со кои можат да се поврзат.
„Луѓето велат дека развиваат односи што наликуваат на вистински пријателства, менторства, па дури и романтични врски, и чувствуваат дека нивниот АИ-чатбот им возвраќа љубов“, вели Гуингрич.
Но, реалноста е поинаква – луѓето можеби чувствуваат дека ја сакаат вештачката интелигенција, но таа не може да им возврати љубов.

Оддалечување од вистинските односи
На разговорите со вештачка интелигенција им недостигаат клучни компоненти, поради што тие навидум реални интеракции можат да бидат бескорисни, па дури и штетни.
Д-р Мелиса Пери, деканка на Факултетот за јавно здравје на Универзитетот „George Mason“, истакнува дека луѓето мора да се поврзуваат лице в лице.
Човекот еволуирал така што се чувствува добро кога слуша нечиј тон на глас, гледа изрази на лицето и го чита говорот на телото. Иако може да изгледа дека АИ-чатботот се грижи и нуди поддршка, недостатокот на вистински човечки сигнали го спречува создавањето реална емоционална врска.
„Интимноста бара ранливост – нема интимност без ранливост“, нагласува Таркл, основачка на иницијативата за технологија и личност на „MIT“.
„Она што го нуди вештачката интелигенција е поврзаност без ранливост. Тоа е привид на брзо решение кое можеби носи краткотрајно олеснување, но не е одржливо.“
Ранливоста, конфликтите и предизвиците се суштински дел од човечкиот развој и личниот раст. Но многу АИ-платформи се програмирани секогаш да бидат пријатни и да се согласуваат со корисникот, дури и кога тоа не е добро за него.

Токму тука се кријат двете најголеми опасности.
Првата е што вештачката интелигенција може да поттикне мисли или однесувања кои се штетни за поединецот или за општеството.
„Таа нема вистински удел во нашиот свет и нашето општество“, вели Таркл.
Втората опасност е што односите без ризик од одбивање ги навикнуваат луѓето на комуникација без конфликти и несогласувања, што не ги подготвува за реалниот свет.
„Мора да научите како да имате сопствени потреби во контекст на потребите на другите, како да се справувате со различни перспективи и како да комуницирате со луѓе кои не се исти како вас“, објаснува Гуингрич.
Таквите предизвици се клучен дел од човечкото искуство.
„Се откажуваме од највредното нешто во човечноста заради тој привиден однос без триења. Тоа нè уништува“, заклучува Таркл.

Враќање кон основите и важноста на вистинските врски
Постои можност вештачката интелигенција еден ден да стане корисна алатка за осамени луѓе. Гуингрич смета дека АИ-платформите би можеле да помогнат во вежбање социјални вештини и да ги насочат луѓето кон создавање вистински пријателства.
Пери додава дека АИ може да служи и како почетен извор на информации за достапни ресурси и поддршка.
Но, крајната цел секогаш треба да биде градење и негување реални човечки односи.
Тоа може да значи истражување нови активности, започнување кратки и пријатни разговори со луѓе од заедницата или создавање редовни навики за дружење со цел зајакнување на постојните врски.
Ако вие или некој што го познавате се соочува со суицидални мисли или проблеми со менталното здравје, важно е да се побара стручна помош.












