Еден од најголемите хакерски скандали на денешницата се случи во октомври 2020 година, кога податоците на дури 33.000 пациенти на компанијата „Vastaamo“ се најдоа на мета на хакери.
Кога Мери-Туули Ауер го отворила мејлот што завршил во нејзината „spam“ папка, веднаш знаела дека не станува збор за обична измама. Пораката го содржела нејзиното целосно име и фински матичен број – клучен личен податок што се користи за банкарство и пристап до државни служби. Испраќачот тврдел дека ја хакирал базата на податоци на психотерапевтската компанија „Vastaamo“ и барал 200 евра во биткоини, со закана дека цената ќе се зголеми, а нејзините податоци ќе бидат јавно објавени ако не плати.

Во пораката се наоѓале детали од нејзиниот приватен живот кои ги знаеле само таа и нејзиниот терапевт. Заканата вклучувала објавување на транскрипти од терапевтските сесии, адресата, телефонскиот број и други чувствителни информации. Стравот бил парализирачки; Ауер се повлекла од секојдневниот живот, земала боледување и со денови не излегувала од станот.
Национален скандал и невидена злоупотреба на податоци
Ауер не била единствената жртва. Во октомври 2020 година дури 33.000 пациенти на компанијата „Vastaamo“ се нашле на мета на хакери. Нивните терапевтски белешки – кои вклучувале исповеди за обиди за самоубиство, семејно насилство, афери и злоупотреба на деца – завршиле на мрачниот дел од интернетот. Во земја со 5,6 милиони жители, речиси секој познавал некого што бил погоден од ова истекување на податоци.
Скандалот ја потресол Финска и прераснал во најголем криминален случај во историјата на земјата. Иако властите брзо реагирал, штетата веќе била направена – базата на податоци била достапна на непознат број луѓе ширум светот. Години подоцна, тие записи сè уште кружат на интернетот, дополнително виктимизирајќи ги жртвите.

Кој е човекот зад еден од најголемите сајбер-злосторства во Финска?
По две години интензивна истрага, финската полиција во октомври 2022 година како главен осомничен го идентификувала Јулиус Кивимаки, познат фински сајбер-криминалец со долга историја на хакерски напади. Иако во моментот на злосторството бил релативно млад, Кивимаки веќе бил познат на европските безбедносни служби поради претходни дела, вклучувајќи пробивање на сервери, кражба на податоци и онлајн вознемирување.
Истрагата покажала дека нападот на „Vastaamo“ бил технички софистициран, но и исклучително суров во својата намера. Наместо да ги користи податоците само за финансиска добивка, сторителот свесно ги таргетирал најранливите – пациентите на психотерапија – користејќи страв, срам и стигма како оружје. Објавувањето на терапевтските белешки на „dark web“ во мали дневни количини било осмислено за да се зголеми притисокот, и врз компанијата, и врз самите жртви.

Кивимаки е уапсен во Франција на почетокот на 2023 година и екстрадиран во Финска, каде што му се судело во случај без преседан. Поради огромниот број оштетени – повеќе од 21.000 луѓе се пријавиле како тужители – судењето било пренесувано во јавни простории, како што се кината. Судот го осудил на шест години и седум месеци затвор, иако тој и понатаму ја негира одговорноста.
За многу жртви, пресудата претставувала симболична победа, но и горчливо потсетување дека дигиталните злосторства можат да имаат длабоки, долготрајни психолошки последици. Случајот отворил сериозни прашања за одговорноста на технолошките и здравствените компании, но и за тоа колку навистина е заштитен поединецот во дигиталната ера.
Од траума до отпорност
За Ауер, соочувањето со стравот значело и јавно истапување. Отворено зборувала за тоа што ѝ се случило, ја споделила својата приказна со семејството и пријателите, и на крај напишала книга за целото искуство. Со тоа, како што вели, повторно ја повратила контролата врз сопствениот наратив.

Иако е свесна дека нејзините тајни засекогаш ќе постојат некаде на интернетот, Ауер научила да живее со тоа сознание. Наместо да ја дефинира како жртва, овој настан ѝ ја покажал сопствената сила и отпорност – и колку е важно заштитата на личните и здравствените податоци да се третира отворено и сериозно, пренесува BBC.














