Јакимовски до Лукровски: Не може да седиш дома, да се правиш болен и да земаш плата од 2.000 евра

Макфакс

08/05/2026

16:27

1.388

Големина на фонт

а а а

Не може да седиш дома, да се правиш болен, да земаш плата од околу 2.000 евра, му порача поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на актуелниот градоначалник, Сотир Лукровски. Јакимовски обвинува дека Лукровски не ја води општината, туку дека ВМРО-ДПМНЕ вовело колективно раководење во Карпош.

„Овластување дадено на друг човек не го ослободува градоначалникот од одговорност. Таа работа не оди така. Не може Карпошани да гласаат за еден човек, а ВМРО-ДПМНЕ потоа да им поставува друг да ја води општината. Не може избран градоначалник да се крие зад партиски заменик, зад адвокати, секретари, супервизори и партиски штабови, а одговорноста да исчезне како ништо да не било“, вели Јакимовски.

Според него, Карпош шест месеци Карпош живее во целосен застој.

„ВМРО-ДПМНЕ денес очајно се обидува да го покрие својот срам, но вистината веќе ја гледаат сите: граѓаните се измачуваат, вработените се оставени во неизвесност, а општината што важеше за една од најфункционалните во државата — денес е парализирана. Приходите се сведени на минимум, нови проекти нема, а старите — дури и оние за кои нивната Влада одобрила средства — не се реализираат. Со еден збор: застој. Градоначалникот Сотир Лукровски, кој на 2 ноември 2025 година го доби мандатот да ја води Општина Карпош во наредните четири години, уште од самиот старт почна да лелека колку му било тешко. Еднаш му биле сложени процедурите. Другпат се плашел да потпишува. Третпат му било тешко да прима граѓани. Четврти пат не можел да ја сфати работата на општината“, вели Јакимовски.


Тој вели дека карпошани гласале за градоначалник, а добиле човек кој ниту сака, ниту може да ја води општината. Според него, ВМРО-ДПМНЕ вовеле колективно раководење како во Југославија.

„ Значи, Карпош не доби градоначалник. Карпош доби колективно претседателство како во посттитова Југославија. И бидејќи очигледно и оваа група „стручњаци“ не им беше доволна, сега на тоа колективно претседателство му додаваат уште еден нов Синан Хасани — фигура која треба да изгледа како решение, а всушност да ја покрие неспособноста на системот што самите го создадоа. Поплаките на граѓаните веќе кулминираа. Незадоволството е огромно. Затоа ВМРО-ДПМНЕ одлучи проблемот да го „реши“ не со работа, не со отчет, не со нова енергија, туку со поставување партиски заменик-градоначалник кој сега треба да го потпишува тоа што Соте одбивал или не смеел да го потпише. Не може да седиш дома, да се правиш болен, да земаш плата од околу 2.000 евра, а твојата голема, наводно „народна партија“, да постави партиски човек кој не во име на граѓаните, туку во име на партијата ќе раководи со општината. Ова е грубо изигрување на волјата на граѓаните. Карпошани гласаа за еден човек за градоначалник, а сега ВМРО-ДПМНЕ им поставува друг“, вели Јакимовски.

Тој му порача на Лукровски дека не може да си игра со волјата на граѓаните и дека не може општината да биде приватна канцеларија на ВМРО-ДПМНЕ. Тој смета дека се потребни нови избори.

„Карпошани добро се сеќаваат: во изборната кампања, на булеварот „Партизански одреди“, токму под билбордот на кој беа Христијан Мицкоски и Сотир Лукровски, јавно кажав дека Христијан се обидува на граѓаните на Карпош да им продаде мачка во вреќа. За жал, таа мачка шест месеци изигрува болен мајмун, а последиците ги трпат граѓаните на Карпош. Не може така. Не може да си играте со волјата на граѓаните. Не може Карпош да биде партиски експеримент. Не може општината да биде приватна канцеларија на ВМРО-ДПМНЕ. Не може избран градоначалник да се крие, а партиски поставен човек да раководи во негово име. Од вмровското карпошово буре со лаги веќе тече на сите страни. А тие дупки не се затвораат со партиски долги прсти. Се затвораат само со едно: нови избори. Карпошани заслужуваат градоначалник. Не партиски заменик. Не колективно претседателство. Не мртов коњ. Туку човек со легитимитет, знаење и одговорност“, вели Јакимовски.

Општина Карпош: Лукровски е на боледување, нема дадено оставка

Градоначалникот Сотир Лукровски нема дадено оставка и моментално е на боледување, соопшти Општина Карпош.

„Ги демантираме наводите дека градоначалникот Сотир Лукровски си има поднесено оставка. Тој во овој момент користи боледување и е привремено отсутен поради здравствени причини, за што замолуваме за разбирање. Уверуваме дека Општина Карпош продолжува да функционира непречено, со целосен капацитет и посветеност кон потребите на граѓаните“, велат од Општината.


Од таму појаснуваат дека согласно законските процедури, надлежностите привремено ќе ги извршува членот на Советот, Неделчо Крстевски.

Општина Карпош апелира до јавноста и медиумите за разбирање и почитување на приватноста на градоначалникот и неговото семејство во овој период.