Мајката на десетгодишно девојче кое се здобило со тешки изгореници на лицето предупредила на опасен тренд од социјалните мрежи, кој вклучува загревање на меки, гмечливи играчки во микробранова печка.
Нејзината ќерка Бела би можела да има лузни до крајот на животот, рекла Шарлот (42) од Бристол. Таа смета дека родителите и училиштата мора да бидат свесни за овој тренд што се шири на ТикТок, Инстаграм и Јутјуб, пишува Би-би-си.
Бела си играла кај другарка кога решила да го испроба виралниот тренд. Нејзината мајка раскажала што се случило кога девојчето се вратило дома.
„Штом влезе, видов дека лицето ѝ е многу црвено. Изгледаше како некој да ја удрил, а потоа ја забележав изгореницата, кожата беше оштетена и се појавија плускавци. Целата беше во солзи“, рекла Шарлот.
Девојчињата не можеле да почувствуваат колку била жешка играчката однатре
Таа објаснила и како дошло до несреќата. „Поради надворешниот силиконски слој, девојчињата не можеле да почувствуваат колку е жешка играчката однатре. Другарката ја притиснала, таа пукнала и содржината прснала врз нив“, објаснила мајката и додала дека играчката била без бренд и купена во локална продавница.

Британската Национална здравствена служба (НХС) советува во случај на недоумица кај изгореници кај деца да се побара лекарски совет. Ако изгореницата е голема, длабока или се наоѓа на лицето или на други чувствителни делови од телото, се препорачува итно да се оди на лекар.
Предупредувањето се прошири меѓу родителите
Шарлот подоцна дознала за трендот на ТикТок кој можеби бил причина за несреќата. „Пребарав и видов снимки од деца и возрасни кои покажуваат ’колку е забавно‘ да се ставаат играчки во микробранова печка за да станат порастегливи“, рекла таа.

Потоа на Фејсбук објавила предупредување до другите родители. Ѝ се јавила и друга мајка од Бристол, Џема Велс, која рекла дека и нејзиното дете на сличен начин добило изгореници на лицето. Таа објавила фотографија на која може да се видат рана и плускавци на образот. „Тоа беше едно од најстрашните искуства. Беше трауматично“, напишала таа.
Реакции од ТикТок и експертите
Портпаролот на ТикТок изјавил дека содржината што поттикнува опасно однесување кое може да доведе до повреди ги прекршува правилата на платформата и ќе биде отстранета.
Во меѓувреме, Кралското друштво за превенција на несреќи (RoSPA) предупредува на опасностите. „Неправилното користење на домашните апарати може да има сериозни последици“, изјавила Риаин Рејнолдс од „RoSPA“. „Ги повикуваме родителите и старателите да разговараат со децата за опасностите од имитирање интернет-трендови и да нагласат дека микробрановите печки не се играчки“, додала таа.
Владата размислува за забрана на социјалните мрежи за деца
Британската влада размислува за ограничување на користењето на социјалните мрежи за помали деца. Платформите што се достапни во Обединетото Кралство веќе се обврзани да преземат мерки за искуството на децата на интернет да биде побезбедно.

Шарлот смета дека таквите мерки би можеле да помогнат во заштитата на децата од штетни содржини. „Мислам дека тоа е добра идеја. Постојат многу апликации што изгледаат како да се приспособени за деца, но всушност може да бидат опасни. Не сакам ова да му се случи на никој друг“, заклучила таа.















