Енергетската криза ја принуди Европската Унија да ги отвори своите „широко затворени очи“, изјави денес Кирил Дмитриев, специјалниот претставник на претседателот на Руската Федерација за инвестиции и економска соработка со странски земји и раководител на Рускиот фонд за директни инвестиции.
„Енергетската криза ги отвори широко затворените очи“, изјави Дмитриев во објава на социјалната мрежа Икс, коментирајќи напис во „Фајненшл тајмс“ за подготовките на ЕУ за потенцијални преговори со Русија, пренесува ТАСС.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, вчера изјави дека лидерите на Европската Унија подготвуваат потенцијални разговори со рускиот претседател Владимир Путин, нагласувајќи дека „постои потенцијал“ ЕУ да преговара со Путин, како и дека ЕУ има поддршка од украинскиот претседател Володимир Зеленски за тоа.
„Разговарам со 27-те лидери на земјите од ЕУ за да видам каков е најдобриот начин да се организираме и да идентификуваме што ни е потребно за ефикасно да разговараме со Русија кога ќе дојде вистинскиот момент“, рече Кошта, објави „Фајненшл тајмс“. Кошта додаде дека Зеленски, на самитот на лидерите на ЕУ минатиот месец, побарал од лидерите „да бидат подготвени позитивно да придонесат во преговорите“, пренесува Танјуг.







