Светското фудбалско првенство започнува за нешто повеќе од еден месец, а ТВ куќата која ги има правата за пренос на натпреварите од претстојниот Мундијал излезе во јавноста со примамлива понуда за фудбалските фанатици.
„FOX TV“, кој со голема еуфорија влегува во проектот на Светското првенство и веќе го ангажираше Златан Ибрахимовиќ како стручен консултант, нуди 58.000 евра на навивач кој ќе ги изгледа сите натпревари од Светското првенство.
„FOX“ бара лице кое ќе ги гледа сите 104 натпревари во текот на турнирот. Компанијата се здружи со „Indeed“ за да вработи „главен набљудувач на Светското првенство на FOX One“.

Најавено е дека ангажираниот навивач ќе ги гледа натпреварите во живо во 4K резолуција на „FOX One“ од специјално изграден простор за гледање на Тајмс Сквер во Њујорк.
Улогата е повеќе од обично седење и гледање натпревари, бидејќи од среќниот навивач се очекува да креира и споделува содржини на социјалните мрежи во текот на целиот турнир, покажувајќи ги своите реакции додека ја следи секоја минута од акцијата на Светското првенство.

„Ова Светско првенство ќе биде историски турнир кој бара подеднакво историско вработување. Еден избран кандидат ќе ја добие работата на животот да ја искуси и прослави секоја приказна, секоја нација и секој возбудлив момент што ја дефинира прекрасната игра“, изјави Роберт Готлиб, претседател за маркетинг во „FOX Sports“.
За да можат да аплицираат за оваа позиција, „FOX“ ги повика кандидатите да ги направат своите профили на „Indeed“ до 17 мај доколку сакаат да бидат земени предвид.







