Со победата од 3:0 против Кристал Палас, Борнмут поведе во трката за шестото место во Премиер лигата, позиција што би можела да донесе најбизарен пласман во Лигата на шампионите досега.
Борнмут го прескокна Брентфорд, а исходот од првенството би можел да доведе до неверојатно сценарио во кое некои клубови во последното коло, дури и со пораз, би можеле да се квалификуваат за елитното натпреварување.
На Англичаните, клупскиот коефициент им донесе дополнително место во Лигата на шампионите следната сезона, што значи дека дури и петтопласираниот тим ќе игра во најсилното клупско натпреварување во Европа.
Работите се комплицираат ако Астон Вила ја освои Лига Европа, што автоматски би значело и Лигата на шампионите следната сезона. Во тој случај и шестопласираниот клуб од Премиер лигата би изборил пласман во Лигата на шампионите.
Иако малку веројатно, постои сценарио каде што шестопласираниот тим можеби ќе мора да загуби во последното коло за да ја обезбеди Лигата на шампионите, пишува британскиот јавен сервис Би-Би-Си.
Во последното коло, Брајтон го пречекува третопласираниот Манчестер Јунајтед, а Брентфорд гостува кај Ливерпул, кој е четврти. Ливерпул е пред Астон Вила само поради подобрата гол-разлика, додека Манчестер Јунајтед бега со шест бода.
Доколку Брајтон или Брентфорд бидат сигурни дека и со пораз ќе го задржат шестото место тој пораз би можел да им донесе место во Лигата на шампионите наместо во Лигата на Европа.
Победа на нивните противници би ѝ помогнала на Астон Вила да остане на петтото место, што е клучен предуслов за активирање на опишаното сценарио.
Според моменталната ситуација, осум англиски тимови ќе се квалификуваат за европските натпреварувања, но тој број би можел да се искачи на десет. Доколку Нотингем Форест ја освои Лига Европа, а Кристал Палас Лигата на Конференциите, без да заврши меѓу првите седум или осум, тоа би значело дека половина од англиската лига ќе игра во Европа следната сезона.










