Арина Сабаленка го шокираше светот: Ќе ги бојкотира Вимблдон и гренд слем турнирите ако не исполнат еден услов

Точка

05/05/2026

20:28

1.013

Големина на фонт

а а а

Најдобрата тенисерка во светот, Арина Сабаленка, изјави дека е подготвена да ги бојкотира Вимблдон и останатите гренд слем турнири поради спорот околу наградниот фонд – и покрај тоа што минатата година заработила 11 милиони фунти.

Сабаленка е една од водечките тенисерки кои сметаат дека гренд слем турнирите треба да издвојуваат поголем процент од своите приходи за тенисерите и тенисерките.

Говорејќи пред турнирот во Рим, таа истакнала дека бојкотот би можел да стане крајно средство за притисок.

„Имам чувство дека тоа ќе биде единствениот начин да се бориме за нашите права. Да видиме до каде можеме да одиме. Ако биде потребно, играчите ќе ги бојкотираат турнирите“, изјавила Сабаленка.


Додала и дека верува во единството меѓу тенисерките:

„Имам чувство дека ние девојките денес можеме лесно да се организираме и да одиме во таа насока, бидејќи некои работи, според мое мислење, навистина се неправедни кон играчите. Мислам дека во одреден момент ќе дојде до тоа“.

Сабаленка нагласила дека без играчите не би имало турнири:

„Без нас не би имало ниту турнири, ниту забава. Мислам дека заслужуваме да добиваме поголем процент од заработката. Навистина се надевам дека сите преговори што ги водиме на крај ќе доведат до правилна одлука и решение со кое сите ќе бидат задоволни“.

Таа е дел од групата на најдобрите 20 тенисери и тенисерки во светот кои ги критикуваа наградните фондови, особено на Ролан Гарос.


Францускиот гренд слем неодамна го зголеми наградниот фонд на 52,6 милиони фунти, со награда од 2,4 милиони фунти за шампионите во двете конкуренции, но играчите тврдат дека нивниот удел во приходите опаѓа.

„Додека Ролан Гарос остварува рекордни приходи, играчите добиваат сè помал дел од вредноста што самите ја создаваат“, се наведува во заедничкото соопштение.

Потсетуваме, Сабаленка, Јаник Синер, Карлос Алкараз и Коко Гоф се меѓу потписниците, а играчите бараат поголем процент од приходите, подобра заштита и поголемо учество во донесувањето одлуки.