Ајакс наводно започнал прелиминарни разговори со Арне Слот доколку холандскиот тренер го напушти Ливерпул на крајот од сезоната. Оваа вест ја објавија холандскиот „Телеграф“ и англискиот „Гол“.
Претходните медиумски извештаи сугерираа дека Ливерпул би можел да се раздели со Слот доколку актуелниот англиски шампион не успее да се квалификува за Лигата на шампионите следната сезона.
По 35 кола од Премиер лигата, „Црвените“ се на четвртото место со 58 бода, а првите пет тима на табелата од елитната англиска лига сигурно ќе се квалификуваат за Лигата на шампионите.
Арне Слот го презеде Ливерпул од Јирген Клоп на почетокот од минатата сезона и ја освои Премиер лигата убедливо, против сите очекувања.
Сепак, оваа сезона клубот забележа далеку полоши резултати, иако за засилувања беа потрошени нешто помалку од половина милијарда евра. Слот потпиша тригодишен договор со Ливерпул, до летото 2027 година.
Извори блиски до клубот наведуваат дека најверојатно ќе го одработи договорот, што значи дека ќе седи на клупата на „Црвените“ од Енфилд и следната сезона.







