Лани се измерени натпросечни температури во речиси цела Европа

Макфакс

29/04/2026

11:29

92

Големина на фонт

а а а

Речиси цела Европа доживеа надпросечни температури во 2025 година, година што ги сруши рекордите за шумски пожари, температури на морето и топлотни бранови, соопштија денес научници од ЕУ и Светската метеоролошка организација (СМО).

Најмалку 95 проценти од Европа доживеа надпросечни температури, при што во шумските пожари изгореа повеќе од милион хектари земја. Тоа е површина поголема од Кипар и најголем годишен вкупен број досега, соопштија СМО и Службата за климатски промени Коперник на ЕУ во нивниот годишен извештај за европската клима.

Резултатите покажуваат дека климатските промени земаат сè поголем данок врз Европа, во време кога некои влади се обидуваат да ги ослабат политиките за намалување на емисиите поради економски проблеми.

Европската Унија вети дека ќе се држи до своите зелени цели, но минатата година ги олесни некои климатски правила за автомобили и бизниси по притисокот од индустријата да им помогне на компаниите, објави „Ројтерс“.

Европа е континентот што најбрзо се затоплува во светот. СМО и Коперник рекоа дека повеќе од половина од Европа била погодена од суша во мај 2025 година. Годината беше, исто така, една од трите најсушни години во однос на влажноста на почвата од 1992 година, додека затоплувањето на климата им го отежнува работењето на земјоделците.

Вкупните температури на површината на морето во Европа достигнаа годишен рекорд, а 86 проценти од крајбрежните области претрпеа сериозни морски топлотни бранови.

Саманта Бургес, менаџер за стратегија во Европскиот центар за среднорочни временски прогнози, рече дека извештајот покажува дека „климатските промени не се идна закана, туку нашата сегашна реалност“.

„Темпото на климатските промени бара поитна акција“, рече таа.

СМО и Коперник истакнаа посебна загриженост за промените во најстудените региони на Европа, каде што снегот и ледената покривка се клучни за забавување на климатските промени со рефлектиране на сончевата светлина назад во вселената.

Феноменот, познат како „ефект на албедо“, се намалува бидејќи потоплите температури предизвикуваат поголемо топење. Губењето на мразот, исто така, придонесува за зголемување на нивото на морето.

Субарктичка Норвешка, Шведска и Финска го доживеаја својот најлош топлотен бран досега минатиот јули. Траеше три последователни недели, при што температурите во Арктичкиот круг надминаа 30 степени Целзиусови. Исланд го регистрираше своето второ најголемо губење на глечери откако започнаа евиденциите, се вели во извештајот.