[ВИДЕО] Палестинско знаме на ракомет: Лидерот на подмладокот на Левица, Куцуловски приведен во станица, па казнет со 550 евра

Точка

29/04/2026

12:07

518

Големина на фонт

а а а

Вчерашниот ракометен натпревар меѓу Македонија и Израел го одбележа и еден инцидент, каде што полицијата приведе млад активист поради мирно истакнување на палестинско знаме.

Приведениот е Андреј Куцуловски, претседател на „Црвена младина“, подмладокот на Левица.

Од партијата остро реагираат дека додека вистински криминалци остануваат неказнети, институциите демонстрираат сила врз млади луѓе кои покажуваат солидарност и човечност. Според нив, ваквото постапување претставува опасен преседан и директен удар врз слободата на изразување.


Подоцна се огласи и Министерството за внатрешни работи во врска со апсењето на Куцуловски:

„Денеска (28.04.2026) во 17:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека во СЦ „Јане Сандански“, каде се одржувал финалниот натпревар од Светско училишно првенство во ракомет помеѓу Р.С.Македонија и Израел, А.К.(28) истакнал знаме од Палестина. Лицето е приведено во Полициска станица за сторен прекршок по член 3 од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“.

Димитар Апасиев информираше дека Андреј Куцуловски бил пуштен од полициска станица со изречена глоба од 550 евра за поттикнување на насилство и омраза поради внесување палестинско знаме на натпреварот меѓу кадетските репрезентации на Македонија и Израел.

Oд Левица коментираат:

„За овој ‘прекршок’ беше мобилизирана толпа полициски службеници кои приведоа млад човек кој впрочем не пружи никаков отпор, ниту пак направи било каков инцидент. Со лисици, како да се работи за опасен криминалец, беше спроведен во станица, без притоа да му се соопшти основот за лишување од слобода. Секоја чест за полицијата на ДПМНЕ и нивната сервилна, селективна и политички мотивирана примена на сила. Државата казнува солидарност, а премолчува насилство! Ако нешто јасно се виде од овој случај, тоа е бруталноста со која системот се однесува кон оние што не се покоруваат!“.