Благодарение на одличната продажба и одговорното управување со трошоците, значително е подобрена профитабилноста, и покрај повисоките инвестиции во вработените и клучните проекти.
Атлантик Група во првиот квартал од 2026 година оствари приходи од продажба во износ од 297,3 милиони евра, што во однос на истиот период од претходната година претставува раст од 14,4 проценти. Благодарение на силниот раст на продажбата и одговорното управување со трошоците, компанијата постигна значително подобрување на профитабилноста, и покрај повисоките инвестиции во вработените, како и во клучните проекти. Добивката пред камати, даноци и амортизација (EBITDA) е повисока за 29,0 проценти во однос на првиот квартал од 2025 година и изнесува 29,7 милиони евра, додека нето добивката порасна за 77,6 проценти на 10,8 милиони евра.
„Во 2026 година влеговме со засилена организациска структура која го поддржува остварувањето на профитабилниот раст, а тоа го потврдуваат и нашите резултати. Новата организација се темели на промовирање на колешките и колегите кои континуирано покажуваат силно лидерство и висока ефикасност, што ја потврдува и довербата на компанијата во интерните таленти. Остваривме и значителен напредок во областа на управување и зајакнување на брендовите, па како прва компанија во Хрватска со LSEG ESG резултат дополнително го подигнавме нивото во областа на одржливоста. Ја зацврстивме позицијата на еден од најпосакуваните работодавачи во Хрватска, а истражувањата ја потврдуваат силната пазарна позиција и релевантноста на нашите водечки брендови во животот на потрошувачите“, истакна претседателот на Управата на Атлантик Група, Емил Тедески.
Раст во сите деловни области и на сите пазари
Најзначаен раст на приходите од продажба од 19,7 проценти е остварен во Стратешката деловна област (СДО) Кафе, а следуваат Деликатесни намази со раст од 11,3 проценти и Фармацевтското работење со раст од 16,5 проценти. Кафето е воедно и најголемата поединечна категорија со удел од 25,6 проценти во вкупните приходи од продажба. Меѓу Стратешките дистрибутивни области (СДО) водечки се Меѓународните пазари со раст од 33,4 проценти, при што се издвојуваат пазарите на Германија и Австрија, а во регионот водечки се Хрватска со раст од 17,9 проценти и Северна Македонија со раст од 17,3 проценти. Структурата на вкупната продажба ја одбележува силната застапеност на сопствените брендови кои сочинуваат 64,1 проценти од приходите, со 26,3 проценти удел на принципалските брендови и 9,6 проценти удел на фармацевтското работење.
Според истражувањето за најсилни брендови во седумте држави во регионот на истражувачката компанија Valicon, речиси сите брендови на Aтлантик Група се вклучени меѓу 100-те најдобри регионални брендови, додека на поединечните национални пазари се рангираат меѓу првите 25 брендови.
Лидери во областа на одржливост и човечки ресурси
Aтлантик Група е првата компанија во Хрватска која доби LSEG ESG резултат и со тоа се позиционираше на глобалната листа на компании чии ESG (Environmental, Social, Governance) резултати ги мери London Stock Exchange Group. Вкупниот резултат на Aтлантик е A- (80 од 100), што ја вбројува компанијата меѓу водечките во индустријата и го потврдува континуитетот на системска и долгорочна работа во ESG областа, а гледано по поединечни сегменти најдобар резултат е постигнат во S (Social) сегментот. Aтлантик Група исто така освои златно признание „Регионален ESG лидер“ за вкупните ESG достигнувања во 2025 година, во организација на Меѓународниот економски форум „Перспективи“, уште еднаш потврдувајќи ја посветеноста кон одржливото и одговорно работење.
Aтлантик и оваа година со сертификатот Equal Pay Champion го потврди статусот на предводник во промовирањето на родовата еднаквост, односно обезбедување еднаква плата за еднаква работа, како и во промовирањето на застапеноста на жените на раководни позиции. Исто така е остварен значителен напредок на листата Работодавач од прв избор, каде Aтлантик се позиционираше на петтото место од вкупно ТОП 20 работодавачи.















