Овој човек од таен бункер „сее“ страв во Русија: Неговата единица му нанесува најголеми загуби на Путин

Точка

27/04/2026

22:49

848

Големина на фонт

а а а

Роберт Бровди, командантот на украинските единици на беспилотни летала, во интервју за Би-би-си зборувал за ескалацијата на нападите длабоко во руска територија и стратегијата на исцрпување на непријателот.

„Ние сме му на непријателот она што им е црвеното знаме на биковите. Ја носиме војната на нивна територијата за и тие да ја почувствуваат“, рекол украинскиот војник додека неговата единица забрзано ги составува дроновите со долг дострел за лансирање кон Русија.

Украина веќе со недели ги интензивира ваквите длабоки удари, целејќи ги енергетските постројки за извоз на нафта како никогаш претходно. Сега командантот на сите украински беспилотни системи во интервјуто за Би-би-си рекол дека тие напади ќе ескалираат. Тој тврди дека неговите сили на беспилотни летала исто така го запираат руското напредување долж линијата на фронтот елиминирајќи рекорден број на војници. „Длабочината од 1.500 до 2.000 километри во рамки на руска територија повеќе не е „мирна заднина“. Украинската „птица“ е слободна да лета кога било и каде и да посака“, рекол Роберт Бровди.


На тајно лансирно место, на влажно поле во источна Украина, тимот брзо работи за да ги избегне руските балистички ракети. Со силен звук на моторот и блесок на бела боја, првото летало како мини-млазен авион полетува кон Русија. Претседателот Володимир Зеленски ги нарекува ваквите напади „многу болни“ за Москва, предизвикувајќи „критични“ загуби од десетици милијарди долари во енергетскиот сектор. Зголемувањето на бројот на нападите е резултат на напредокот на домашната технологија – беспилотните летала стануваат поевтини и имаат сè поголем дострел. Моделот што го видела екипата на Би-би-си може да лета повеќе од 1.000 километри додека некои достигнуваат и двојно поголема оддалеченост.


Освен воениот персонал и производство, рускиот енергетски извоз е идентификуван како приоритетна цел. „Путин ги црпи природните ресурси и ги претвора во крвави долари кои потоа ги насочува против нас во форма на Шахид дронови и балистички ракети“, така Бровди ги оправдува нападите. Неговите сили за беспилотни системи претставуваат само 2% од украинската војска, но тој тврди дека тие се одговорни за една третина од сите уништени цели. Нивната сопствена стапка на загуби, како што рекол е помала од 1% годишно. Секој погодок се снима и евидентира во реално време. Минатата недела, Бровди известил за погодоци врз руски офицери на ФСБ службата на окупирана територија и врз неколку енергетски објекти во самата Русија. Неговата цел е јасна: да го спречи Путин да постигне каква било убедлива победа, како што е освојувањето на остатокот од Донбас.

Пред четири години, Бровди бил успешен трговец со жито и колекционер на уметнички дела, попознат во аукциските куќи отколку во рововите. Денес, етничкиот Унгарец од Ужгород е познат по својот воен прекар, Унгарец. Тој го видел потенцијалот на беспилотните летала за време на битката за Херсон, сеќавајќи се на уред што го купил за своите деца. Она што започнало како алатка за самоодржување и извидување, се претворило во 414-та бригада, позната како „птиците на Унгарецот“.

Стратегијата на Бровди не се темели само на напади со долг дострел, туку и на намалување на предноста на Русија во човечка сила. Додека Украина се бори со мобилизацијата, неговите екипажи имаат наредба: да убиваат повеќе непријателски војници месечно отколку што Русија може да регрутира. „Триесет отсто од сите напади со беспилотни летала мора да бидат насочени против воен персонал“, јасен е Бровди. „Може да се нарече план за убивање, да, и ние во моментов го надминуваме“. Тој тврди дека ја постигнуваат оваа цел четири месеци по ред (над 30.000 војници месечно), а секоја смрт мора да биде потврдена со видео. Иако зборувал тивко, Бровди не сочуствува со непријателот. „Ако не ги убиеме, тие ќе нè убијат нас. Тоа е едноставно“.

Командантот не носи „розови очила“ – неговата цел е да го сопре непријателот, а не да започне голема контраофанзива. Тој верува дека Путин не може да си дозволи да ја заврши инвазијата бидејќи неуспехот би бил катастрофален за него. Затоа, Бровди се насочува кон нешто друго: рускиот морал. Тој се надева дека високата стапка на жртви и пожари длабоко во границите на Русија ќе создадат „немир“ во руското општество. Тој сака да ги шокира обичните граѓани и да ги натера да ја преиспитаат војната што ја започнал нивниот претседател.