Случајот со врсничко насилство којшто се случил во скопската општина Ѓорче Петров, веќе неколку денови ја вознемирува јавноста, а реакциите во однос на истиот едноставно не е можно да престанат.
Девојчето било изложено на страшно физичко насилство, деградирање и понижување, а траумите кои ги доживеало имале сериозна последица врз нејзината психичка состојба.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека случајот е пријавен и дека се води постапка.
„За физички напад врз малолетно девојче на подрачјето на Ѓорче Петров ве информираме дека пријавени се два настана во кои што малолетно девојче на крајот од минатиот месец, на два пати, била физички нападната од неколку малолетнички од истото училиште“, велат од МВР.
Случајот сè уште не е целосно расчистен, а полицијата работи на негово документирање, при што се повикуваат и се разговара со повеќе инволвирани малолетнички во присуство на нивните родители, како и се прибираат материјални докази.
„Притоа во моментов се работи на целосно документирање на настаните, преку повикување и разговор со повеќе инволвирани малолетнички (во придружба на нивни родители), и собирање на други материјални докази (видео записи и слично) во насока на расчистување на случајот. Истиот согласно насоки од ОЈО Скопје и јавен обвинител за малолетници е класифициран по член 386 од КЗ на РСМ“, велат од МВР.
Бурните реакции во јавноста се оправдани, а сѐ повеќе луѓе апелираат дека ваквото насилничко однесување вообичаено се учи од дома и дека во голема мера вината е и на родителите и несоодветното воспитување.
Татјана Алексиќ професорка по македонски јазик во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“, семејна жена, омажена за својата прва љубов од средношколските денови и мајка на двајца синови, без влакна на јазикот проговори на болната тема:

„Ни требаат под итно флота од: стручни лица во училиштата, образовни асистенти, социјални работници, педагози, психолози, психотерапевти, дефектолози, логопеди, служби за детектирање метал и оружје при влез во училиште, систематски прегледи со тест за никотин и дрога во крв, забрана за (а)социјални мрежи до 18 години и цивилизирани казнено-поправно домови! За љубов, емоционална писменост и човекови права е доцна, зашто во првата декада од животот на децата се битни и имаат влијание врз воспитувањето.
Децата во 6-то одделение се веќе карактерно и психички оформени! Ќе повторуваат злоставувања! Ќе продолжат да се расправаат по социјалните мрежи! Ќе учат од нас возрасните за агресија и „добро“ ќе нѐ имитираат. Каде виделе гасење цигари од кожа? Каде виделе, слушнале или прочитале за такви гадости? Кој ги научи толку да мразат и злоставуваат?!? Ние систематски моделираме генерации на психопати!“.
Наде Молеровиќ, професор по историја и поранешна директорка на две основни училишта, мотивациски говорник за деца и млади, тренер за наставници и директори, автор, уметник и уште многу, исто така објави статус поврзан со темава:
„На Инстаграм се принцези, на улица џелати... Кој го преспа воспитувањето?
Неодамнешните слики на насилство меѓу девојчиња не се само инцидент. Тие се аларм кој вреска: „Каде бевте вие, возрасните?“
Се прашувате што треба да ѝ се случи на една девојка за да стане насилник? Што треба да носи во себе за да ужива во понижувањето на друго човечко битие?
Одговорот не е во училишната чанта, туку во празнината што ја оставиле тие што требало да ја полнат со љубов и етика.
Каков родител треба да си за да „не забележиш“?
Насилното дете не се раѓа преку ноќ. Тоа е процес на долготрајно емотивно запоставување или погрешно насочување.
Бруталната вистина: Треба да си родител кој е физички присутен, но емотивно „мртов“. Родител кој му купува на детето сè што ќе посака за да ја откупи сопствената вина за отсуството! Каде е грешката?
Ако твоето дете дома те слуша како ги „газиш“ колегите, како се потсмеваш на послабите или како ја користиш моќта за да ги понижиш другите - ти тренираш насилник.
Детето на насилникот не удира затоа што е злобно, туку затоа што мисли дека само така се докажува моќта во овој свет!
„Гајле ми е“ наставници – Соучесници сте во тишина!
Како наставник со децениско искуство, знам: во училницата се гледа СÈ!
Се гледа кој е изолиран, кој се плаши, чии очи се полни со солзи на големиот одмор!
Бруталната вистина: За да не забележиш насилство, треба да си наставник кој ја гледа својата работа само како „одработување на часовите“!

Наставник кој се плаши од родителите на „моќните“ деца или на кој едноставно му е полесно да се сврти на другата страна. Гајле ми е!!
Одговорноста: Кога наставникот молчи пред навредата, тој му дава дозвола на насилникот. Молчењето е одобрување. Каде уште потфрлаат родителите? Кои се пропустите што создаваат сурови деца?
Ова се грешките што често ги нарекуваме „модерно воспитување“, а всушност се пат кон агресија: Одгледување „принцови и принцези“ без граници.
Кога на детето му се поставуваат нула граници, тоа верува дека светот му е должен сè!
Кога ќе наиде на некој што нема да му се потчини (друго дете), неговиот единствен алат е агресијата! Секој пат кога го „спасуваш“ детето од последиците на неговите лоши постапки, ти му велиш:
„Прави што сакаш, јас ќе ги избришам твоите траги“. Така се создава личност без совест!
Ако дома главна тема е кој каков автомобил вози и кој каков телефон има, детето учи дека тие што имаат „помалку“ се помалку вредни луѓе!
Ова е директна покана за малтретирање на тие што се „послаби“ или „посиромашни“!
Ако детето никогаш не те видело како помагаш, како сочувствуваш или како искрено се извинуваш за своја грешка, тоа не може да ја развие способноста да ја почувствува туѓата болка! Прашање за секој родител денес:
Ако твојата ќерка е меѓу тие што стојат отстрана и снимаат со телефон додека некој е тепан — ТИ НЕ СИ УСПЕАЛ.
Ако твојата ќерка е таа што удира — ТИ СИ ГРЕШЕЛ!
Не можеме да зборуваме за „убав карактер“ ако не ги научиме децата на најважното:
Човечноста е поважна од популарноста!
Драги мајки и татковци, разбудете се пред вашето дете да стане вест во црна хроника. Разговарајте, набљудувајте, прашувајте! Не дозволувајте вашето скролање на телефон да биде причината за нечија траума!
Бидете присутни! Бидете свесни!
Затоа што карактерот не се гради на Инстаграм, туку на трпезата каде што се учи дека вистинската сила е во тоа да заштитиш, а не да „газиш”, да повредуваш!
Револуција на свеста!“
Во продолжение погледнете ги реакциите на социјалната мрежа „X“:
Прочитав Грозен наслов, ДевојЧиња малтретирале друго Девојче💜, јас Родителите би ги привела, а децата во поправен дом до 18г, а после неколку години затвор.
— Marija (@mara00914095) April 27, 2026
Дали се нормални децава 😡😡
Многу е битно на дете од мало да му се постават граници, да се учи на емпатија, да не се остава да зјапа во телефон, додека родителот договара швалерација и што не... 💔
— Мадмуазел Џинџер Синамон (@MadmuazelGin) April 27, 2026
Поразително е тоа што децата не се учат на емпатија од најмали нозе ниту развиваат чувства на сочувство со другите
— Жар птица (@Mermaiid_ariel) April 27, 2026
За да се преземе нешто околу врсничкото насилство, мора да се адресира и дел од проблемот - родителите. Државата мора да изнајде механизам да се справи со родители силеџии кои се закануваат и урлаат по професори и професорки, не преземаат никаква одговорност и никогаш не…
— македонско девојче 🇲🇰| poetic justice ✨ (@msoldieroflove) April 27, 2026
А што правиме сега со дечињава што хранеле девојче со измет и ја гореле со цигари? Ај сега нека се јачаат нивните родители дека на нивните деца не смее никој да им викне. Не треба физичка казна, ама само во случај ако ги стават одма у поправен дом. Чудовишта!
— Златоуста (@jasisamojas1) April 27, 2026
“Да не ја правиме големата, деца се”
— Д. Карамазов (@tonivancoski) April 28, 2026
Одовде почнуваат сите проблеми.
Мобилен телефон на секој пилиштар основец? Па и социјални мрежи за споделување на гадостите што ги прават врз соученичка?
— лилит. (@MummyDust_) April 27, 2026
Уште понесовесни родители кои к. ги боли што прават нивните деца?
Никакво воспитување и замарање околу нив.
Мое дете ќе биде советувано секогаш да враќа 1/2
Дали денешниве родители знаат што деца растат дома?
— Карпа (@Karpa_1904) April 27, 2026















