Извршниот директор на американската компанија „Apple“, Тим Кук, се повлекува од таа функција, а ќе го замени Џон Тернус.
Кук ќе стане извршен претседател на управниот одбор на „Apple“, пренесува „ABC News“, додека Тернус официјално ќе ја преземе функцијата извршен директор на 1 септември, соопшти компанијата.
По објавата, Кук изјави дека му било чест да ја води компанијата, а за Тернус, кој досега беше виш потпретседател за хардверско инженерство, рече дека „има ум на инженер, душа на иноватор и срце да води со интегритет и чест“.

„Тој е визионер чии придонеси во текот на 25 години не можат да се набројат и без сомнение е вистинската личност да го води „Apple“ во иднината“, изјави Кук.
Кук е извршен директор на компанијата од 2011 година, а под негово водство пазарната капитализација порасна од околу 350 милијарди долари на четири билиони долари.

Тернус работи во компанијата од 2001 година, а потпретседател за хардверско инженерство стана во 2013 година. Во текот на кариерата работел на повеќе производни линии, вклучувајќи ги „iPad“, „AirPods“ и „Apple Watch“.
„Длабоко сум благодарен за оваа можност да ја продолжам мисијата на компанијата“, изјави Тернус, кој Кук го нарекува свој ментор.






