Ова се најстарите актери кои и денес се живи: Легендите на Холивуд ја започнувале кариерата во времето на црно-белите филмови

Точка

20/04/2026

20:41

470

Големина на фонт

а а а

Додека филмската индустрија постојано се врти кон нови лица, а на црвените теписи доминираат ѕвезди како Зендеја, Тимоти Шаламе, Сидни Свини, во срцето на Холивуд стојат оние кои ја граделе својата кариера уште во текот на 50-тите години, па и порано.

Нивните кариери започнале во времето на црно-белиот филм, а меѓу нив има и стогодишници.

На самиот врв на оваа листа се наоѓа Ева Мари Сент (101). Актерката која дебитирала во 1946 година, засекогаш е запишана во историјата со улогата во класиката „On the Waterfront“, за која доби и Оскар. Со својата елеганција во трилерот на Хичкок „North by Northwest“ постави стандарди за „хичкоковската русокоса“ кои ретко кој може да ги надмине.


Веднаш зад неа е и Дик Ван Дајк, кој во декември минатата година го прослави својот 100-ти роденден. Кариерата ја започнал во 1947 година, а стана синоним за семејна забава благодарение на филмовите „Mary Poppins“ и „Chitty Chitty Bang Bang“. Неговата виталност и денес предизвикува восхит кај публиката ширум светот.


Кога зборуваме за деведесетгодишниците, невозможно е да се заобиколи Клинт Иствуд (95). Од своите почетоци во 1954 година, Иствуд поминал пат од каубоец до еден од најценетите режисери на денешницата. Неговата работа на филмови како „Million Dollar Baby“ покажува дека креативната енергија не познава биолошки часовник.


Слична долговечност ужива и Вилијам Шатнер (95), култниот капетан Кирк од „Star Trek“, кој кариерата ја започнал во 1951 година. Шатнер е познат по тоа што станал најстарата личност која некогаш летала во вселената, со што докажа дека границите се тука за да се рушат.


Листата ја надополнуваат икони како Роберт Дувал (95), незаборавниот советник од „The Godfather“, како и сер Мајкл Кејн (93), кој по седум децении работа и улоги во хитови како „The Dark Knight Rises“ неодамна најави повлекување, оставајќи зад себе неизбришлива трага.


Меѓу дамите, тука се Розмари Харис (98), позната по улогите во филмовите „Spider-Man“, и неповторливата Софија Лорен (91). Италијанската дива, чија кариера започнала во 1950 година, и денес останува симбол на безвременска убавина.


Меѓу помладите на оваа листа се легендите Морган Фримен (88), Дастин Хофман (88), Ентони Хопкинс (88) и Ал Пачино (86).