За време на експедиција во длабочините на океанот северно од Хаваи, истражувачите наишле на зачудувачка глетка – формација која изгледа како поплочен пат. Иако првичните коментари беа дека станува збор за „пат кон Атлантида“, науката има фасцинантно објаснување за овој феномен.
Истражувачкиот брод „Nautilus“ во текот на 2022 година спроведе мисија за испитување на подводниот гребен Лилиуокалани, кој се наоѓа во рамки на Националниот поморски споменик Papahanaumokuakea (PMNM). Ова подрачје е едно од најголемите заштитени морски екосистеми во светот – поголемо од сите национални паркови во САД заедно, но до денес се истражени само три проценти од неговото дно.
За време на пренос во живо, додека роботизирана подморница го испитувала дното, научниците останале затекнати од необичната глетка. Формацијата која неверојатно потсетува на пат поплочен со жолти цигли натерала еден од истражувачите да извика: „Ова е пат за Атлантида!“

Геолошко потекло на „поплочениот пат“
И покрај тоа што се наоѓа на длабочина од околу 1.000 метри, формацијата на видеото изгледа изненадувачки „сува“. Научниците објаснуваат дека станува збор за хиалокластити – специфичен вид вулканска карпа која настанува при високоенергетски ерупции, кога врели фрагменти од лава се таложат на дното на океанот.
Подлогата изгледа како „печена кора“ која на места се лупи, а она што најмногу ги збунува набљудувачите се совршените пукнатини под агол од 90 степени. Според геолозите, овие пукнатини што потсетуваат на цигли се резултат на термички стрес – процес на повеќекратно загревање и ладење поради низа вулкански ерупции на работ на гребенот.

Колку малку ја познаваме планетата
Ова откритие повторно го отвори прашањето колку малку ја познаваме сопствената планета. Според податоците на непрофитната организација „Ocean Discovery League“, во последните седум децении фотографирани се само помеѓу 0,0006 и 0,001 проценти од длабокото морско дно.
Истражувањето на гребенот Лилиуокалани им овозможува на научниците уникатна можност да ја проучуваат геологијата и екосистемите на древни подводни планини. Секоја ваква мисија носи вредни сознанија за морскиот биодиверзитет и процесите што ја обликувале Земјата, потсетувајќи нè дека во темните длабочини на океанот се кријат тајни кои допрва треба да бидат откриени.







