Хуманоиден робот, победник на неделниот полумаратон за роботи во Пекинг, ја истрча делницата побрзо од актуелниот светски рекорд за луѓе, демонстрирајќи огромен технолошки исчекор на Кина.
Победничкиот робот, кој го разви кинескиот производител на паметни телефони „Honor“, ја заврши трката долга 21 километар за 50 минути и 26 секунди. Ова е објавено на профилот на „WeChat“ на Пекиншката економско-технолошка развојна зона, позната и како „Beijing E-Town“, од каде што трката и започна.
Тоа е побрзо дури и од времето што го постави човечкиот светски рекордер, Угандиецот Јакоб Киплимо, кој во март на улична трка во Лисабон ја истрча истата далечина за приближно 57 минути.
Humanoid robots hit the ground running in the Beijing E-Town humanoid robot half-marathon on Sunday, competing in both autonomous navigation and remote-controlled categories. #marathon #Beijing #HumanoidRobot pic.twitter.com/dxacB1BzH2
— China Xinhua News (@XHNews) April 19, 2026
Овој резултат претставува огромен напредок во однос на минатогодишната, прва по ред трка, кога на победничкиот робот му беа потребни 2 часа, 40 минути и 42 секунди да стигне до целта.
Сепак, трката не помина без помали „несреќи“ – еден робот се сруши веќе на стартната линија, додека друг се заби во заштитната ограда.

Од „Beijing E-Town“ наведоа дека околу 40 проценти од роботите се движеле по патеката целосно автономно, додека останатите биле далечински управувани.
Државниот медиум „Global Times“ извести дека еден друг робот на „Honor“, со кој се управувало далечински, прв поминал низ целта со време од 48 минути и 19 секунди. Меѓутоа, титулата шампион му припадна на роботот што се потпираше на автономна навигација, а победникот беше прогласен врз основа на пондериран систем на бодирање на ова натпреварување.
Државната телевизија „CCTV“ пренесе дека второпласираниот и третопласираниот робот, исто така од компанијата „Honor“ и со систем на автономна навигација, ја завршиле трката за приближно 51, односно 53 минути. Интересно е што еден робот ја презел улогата на сообраќаен полицаец, насочувајќи ги учесниците со движења на рацете и гласовни команди, додава „CCTV“.

Технолошкиот развој во Кина прерасна во своевидна арена за натпреварување со Соединетите Американски Држави, со значајни импликации врз националната безбедност. Најновиот петгодишен план на Пекинг јасно ја истакнува амбицијата да се „поместуваат границите на науката и технологијата“. Забрзаниот развој на производи како хуманоидните роботи и нивната поширока примена се клучен дел од стратегијата на втората најголема светска економија за периодот од 2026 до 2030 година.
Лондонската технолошка, истражувачка и советодавна група „Omdia“ неодамна во својата глобална проценка на испораките на интелигентни роботи од општа намена ги вброи трите кинески компании „AGIBOT“, „Unitree Robotics“ и „UBTech Robotics Corp“ како единствени добавувачи од прва класа во светот.
Според нивниот извештај, секоја од овие компании испорачала повеќе од 1.000 роботски единици минатата година, додека првите две наведени компании испорачале повеќе од 5.000 единици.













