Научници од Универзитетот во руската република Кабардино-Балкарија направиле робот што игра шах за да им помогне на студентите подобро да ги разберат принципите на програмирањето, пренесе ТАСС.
„Создаден е уникатен систем способен самостојно да игра шах. Тој претставува роботска рака што комбинира хардвер и софтвер, а во неа се вградени елементи на роботика, машински компоненти, контрола на алгоритми и вештачка интелигенција“, соопштиле од универзитетот.
Како што се наведува, роботот ја набљудува шаховската табла со помош на 3Д камера, која веднаш ги препознава фигурите, ја одредува нивната положба, ги следи потезите на противникот и забележува грешки.
„Специјално дизајнираната фаќалка стана клучен елемент на системот. Нејзината единствена способност да ја почувствува и контролира силата на фаќањето е од пресудно значење. Роботот е многу брз во реагирањето. Препознавањето на положбата и донесувањето одлуки траат од само 0,1 до две секунди. Физичкото поместување на фигурата, меѓутоа, трае од четири до 10 секунди поради механиката“, навеле научниците.

Тие додале дека роботот-шахист е на ниво на меѓународен велемајстор и дека може однапред да размисли за десетина комбинации.
„Важно е, меѓутоа, да се запамети дека шахот не е само пресметување варијанти, туку и интуиција и разбирање на позицијата“, објаснил шефот на развојниот тим и раководител на Лабораторијата за интелигентни системи и анализа на податоци на универзитетот, Мухамед Кипов.
Како што се наведува, овој проект има не само истражувачка, туку и образовна вредност, бидејќи со овој робот студентите учат да размислуваат како инженери.
Манипулаторот им помага да стекнат подлабоко разбирање на принципите на дизајн и програмирање, што е неопходно за нивната идна професионална работа.
Следниот чекор во развојот на проектот ќе биде создавање веб-платформа што ќе им овозможи на сите корисници да се регистрираат за игра со роботот, да ја прегледуваат табелата со резултати и исходите, а тоа ќе служи како платформа за шаховски турнири и образовни програми.









