Делегација на Собранието во Интерпарламентарната унија

Макфакс

17/04/2026

16:05

113

Големина на фонт

а а а

Делегација на Собранието учествува на 152. Собрание на Интерпарламентарната унија, што се одржува од 15 до 19 април 2026 година во Истанбул.

Делегацијата ја предводи претседателот на Собранието и шеф на Делегацијата во ИПУ, Африм Гаши, а во нејзин состав се пратениците Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Беким Ќоку, Бобан Карапејовски, Арбана Пашоли и Јована Мојсоска, како и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, која учествува на Заседанието на Здружението на генерални секретари на парламенти.

Главна тема за дискусија на Собранието е „Негување надеж, консолидирање на мирот и обезбедување правда за идните генерации“.

Претседателот Гаши учествуваше во генералната дебата на 152. Собрание на ИПУ. Во своето обраќање, тој истакна дека светот се соочува со сериозни предизвици, вклучително и притисоци врз демократијата, голем број конфликти и продлабочени социјално-економски разлики. Тој се осврна на Договорот од Преспа, кој претставува пример за успешно решавање на долготрајни спорови преку дијалог, политичка храброст и меѓусебна почит.

Северна Македонија останува цврсто посветена на процесот на пристапување кон Европската Унија, кој, како што нагласи претседателот на Собранието, претставува клучен двигател на реформите, владеењето на правото и зајакнувањето на институциите. Во своето обраќање, тој посочи дека Собранието активно работи на унапредување на законодавниот процес, преку воведување на проценки на влијание и инклузивни консултации со сите засегнати страни.

Претседателот истакна дека посебен акцент се става на дигиталната трансформација и одговорното користење на вештачката интелигенција, во согласност со европските и меѓународните стандарди. Воедно, тој подвлече дека институциите преземаат конкретни чекори во насока на одржлив развој, вклучително и мерки за намалување на сиромаштијата, јакнење на енергетската транзиција и справување со еколошките предизвици.

Осврнувајќи се на улогата на младите, претседателот истакна дека нивното поголемо учество во политичките процеси е неопходно, со цел да се обезбеди правична и соодветна застапеност на идните генерации.

Се очекува, по завршувањето на Генералната дебата, 152. Собрание да усвои завршен документ за темата.

Пратеникот Никола Мицевски учествуваше во работата на Комисијата за демократија и човекови права, каде се одржа стручна расправа на тема: „Инклузивен социјален развој за сите: парламентарни стратегии за унапредување на правата и зајакнување на лицата со попреченост“.

Во своето обраќање, Мицевски посочи дека повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со некаков облик на попреченост и сè уште се соочуваат со сериозни пречки во пристапот до образование, вработување, здравствена заштита и јавен живот. Тој нагласи дека парламентите имаат посебна одговорност во овој процес, не само преку донесување закони, туку и преку поттикнување инклузивен дијалог и создавање поддржувачка општествена клима.

Осврнувајќи се на искуството на нашата земја, Мицевски информираше дека Собранието активно работи на унапредување на правата на лицата со попреченост, при што посебно го издвои формирањето на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, која обединува пратеници од сите политички партии. Како претседател на оваа Група, тој посочи дека нејзините активности претставува значаен мост помеѓу законодавниот дом, граѓанските организации и меѓународните партнери.

Мицевски ги истакна и конкретните достигнувања на оваа група, меѓу кои Парламентарната декларација од 2019 година за политичко учество на граѓаните со попреченост, како и Законот усвоен во септември 2025 година, со кој се утврдуваат стандарди за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на јавниот сектор.

Мицевски ја потврди посветеноста на Република Северна Македонија за унапредување на правата на лицата со попреченост, како на национално ниво, така и во рамките на мултилатералните форуми.

Учеството на собраниската делегација на овој настан на Интерпарламентарната унија претставува јасна потврда за континуираната посветеност на нашето Собрание кон принципите на мултилатерализмот и унапредувањето на парламентарната дипломатија.

*** Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите. Основана е во 1889 година како прва мултилатерална политичка организација во светот, со цел за поттикнување на соработката и дијалогот меѓу нациите. Во организацијата денес членуваат 183 национални парламенти и 15 меѓународни парламентарни собранија. ИПУ ги промовира мирот, демократијата и одржливит развој им помага на парламентите да станат посилни, порепрезентативни, поиновативни и родово и младиски балансирани. Собранијата на ИПУ се одржуваат двапати годишно, обезбедувајќи на тој начин парламентарна димензија на глобалното управување.