Принцот Хари: „Не сакав кралска улога откако таа ја уби мојата мајка“

Точка

16/04/2026

20:44

637

Големина на фонт

а а а

Принц Хари отсекогаш имал сложен однос со животот во кралското семејство, а тоа особено дошло до израз по смртта на неговата мајка, принцезата Дајана.

Војводата од Сасекс (41) за своите чувства кон кралските должности зборувал во четврток на хуманитарен настан во Мелбурн.

Чувство на притисок и немоќ

Хари го отворил настанот со 19-минутен говор за менталното здравје и тагувањето, во кој рекол дека имало многу моменти кога се чувствувал скршено.

„Беа низа моменти кога се чувствував изгубено, изневерено или целосно немоќно. Моменти кога притисокот, и надворешен и внатрешен, беше постојан“, рекол тој, пренесува „PA Media“.


„А имаше и моменти кога, и покрај сè што се случуваше, морав да дојдам и да се правам дека сè е во ред, само за да не разочарам никого.“

„Не ја сакав таа улога“

По говорот, Хари разговарал со претприемачот и поранешен политичар Брендан Нелсон, и открил дека по смртта на неговата мајка воопшто не бил наклонет да го прифати животот што му бил наменет во рамките на кралското семејство.

Се присетил дека, откако Дајана загинала на 36 години, непосредно пред неговиот 13-ти роденден во август 1997, низ глава му минувало: „Не ја сакам оваа работа. Не ја сакам оваа улога. Каде и да води, не ми се допаѓа.“

„Тоа ја уби мојата мајка и долго време силно се спротивставував на тоа. Со години ја закопував главата во песок“, рекол тој.

Како го променил својот поглед на сè

Хари објаснил дека со текот на времето го променил својот став, размислувајќи за тоа што би сакала неговата мајка да направи.

„На крај си помислив: ‘Чекај малку, ако некој друг беше на мое место, како најдобро би ја искористил оваа платформа, можностите и ресурсите што доаѓаат со тоа за да го направи светот подобро место?’“ рекол тој. „Тоа навистина ми ја промени перспективата.“

Принцезата Дајана починала од последици на повреди здобиени во сообраќајна несреќа во Париз, додека таа и нејзиниот тогашен партнер Доди Фајед бегале од папараци. Хари подоцна станал отворен критичар на немилосрдниот медиумски притисок на кој се изложени членовите на кралското семејство, особено откако тој и Меган Маркл во 2020 година се повлекоа од должностите како високи членови на семејството.

Улогата на сопруг и татко

Хари рекол и дека улогите на сопруг и татко го „приземјиле“. Тој и Меган (44) имаат син Арчи (6) и ќерка Лилибет (4). „Кога родител е преоптоварен, децата го чувствуваат тоа. Кога некој има поддршка, целото семејство го чувствува тоа“, рекол тој, пренесува „PA Media“. „За мене една од најголемите промени се случи кога сфатив дека барањето помош не е слабост. Тоа, всушност, е облик на сила.“


Со години не можел да прифати дека неговата мајка починала

Хари и претходно зборувал за тоа колку му било тешко да ја прифати смртта на мајка си. Со години, рекол тој, верувал дека таа можеби ја лажирала сопствената смрт и дека на крајот повторно ќе се сретне со него и неговиот брат Вилијам.

„Долго време едноставно одбивав да прифатам дека повеќе ја нема“, рекол тој во интервју за емисијата „60 Minutes“ во 2023 година. „Знаете, таа никогаш не би ни го направила тоа, но од друга страна, можеби сето тоа е дел од некој план.“

Кога имал 20 години, побарал увид во полицискиот извештај за несреќата, кој вклучувал и фотографии од неговата мајка по сударот. Неговиот приватен секретар го советувал да не ги погледне сите, што на крајот и го послушал.


„Сè што видов беше задниот дел од главата на мојата мајка, потпрена на задното седиште“, се присетил Хари. „Имаше и други, уште попотресни фотографии, но засекогаш ќе му бидам благодарен што ме поштеди од болката што би си ја нанел ако ги погледнев. Тоа се работи што човек ги носи со себе засекогаш.“