Ханси Флик доби важен играч пред двете дерби пресметки во Ла Лига и ЛШ

Дерби

11/04/2026

13:16

182

Големина на фонт

а а а

По вчерашниот кикс на Реал Мадрид, Барселона може да направи гигантски чекор кон одбрана на титулата во Ла Лига, бидејќи со победа над Еспањол во градското дерби, каталонскиот великан ќе отиде на „плус девет“.

Тоа ќе изгледа како навистина недостижна предност со оглед на формата на двата тима и континуитетот кој го прикажува Барселона, а иако за утре планирано е Ханси Флик да ротира и да одмори неколку играчи против Еспањол, главна вест на неговиот список е враќањето на Френки Де Јонг.

Холанѓанецот ги пропушти претходните девет натпревари поради повреда, но сега се враќа во списокот на германскиот стручњак и е најпозитивен новитет пред двете дерби пресметки кои следат.

За очекување е Де Јонг утре да добие шанса против Еспањол на „Камп Ноу“, а во вторник не се исклучува да биде дел и од стартната постава на Барселона која ќе брка голем пресврт на „Метрополитано“ во четвртфиналниот реванш во Лигата на шампиони.

Добра вест за Барселона е што во списокот на повикани играч е и Педри, фудбалер кој поради мали проблеми беше изваден уште на полувреме против Атлетико во средата.