Музите на големите уметници им биле извор на инспирација, а на големиот Пабло Пикасо, кој почина на денешен ден во 1973 година, тоа била Дора Мар, односно Теодора Марковиќ. Теодора пораснала во Франција, а била ќерка на познатиот југословенски архитект Јосип Марковиќ.
Забодела нож меѓу прстите кога се сретнале
Првата средба на Дора Мар и Пабло Пикасо во 1936 година влезе во легендите. Се раскажува дека Дора Мар, тогаш девојка од 29 години, седела сама во кафулето „Du mago“ и забодувала нож меѓу своите прсти потпрени на масата. Години подоцна, овој настан детално го опиша друга љубовница и модел на Пикасо, Франсоаз Жило, во парискиот весник „Figaro“:
Dora Maar, French Surrealist photographer, painter and poet who is often only referred to as 'Picasso's muse' #womensart pic.twitter.com/CTykI3o53R
— #WOMENSART (@womensart1) March 1, 2020
„Дора Мар носеше црни ракавици со ситни рози. Ги соблече ракавиците и зеде долг остар нож, кој го забодуваше во масата меѓу своите раширени прсти. Одвреме-навреме ќе промашеше за дел од милиметар и раката ѝ беше целата крвава. Пикасо беше фасциниран. Ја замоли Дора да му ги даде своите ракавици и ги зачува под стакло“.
Бурна љубов
Инцидентот со ножот како да навестил дека врската на Дора и Пикасо ќе биде сè освен мирна. Уметникот, речиси 30 години постар од уметницата, во тој момент зад себе веќе имал безброј љубовни авантури, пропаднат брак со балерината Олга Хохлова и врска со својот модел, убавата Марија Тереза Валтер.

Тепачка на две љубовници
Аферата на Дора Мар и Пикасо започнала речиси веднаш по нивното запознавање. Сликарот пронашол нова муза и не го криел воодушевувањето од новата убавица во својот свет. Било неизбежно двете љубовници да се сретнат. Тоа се случило токму во ателјето на Пикасо. Очекувано, паднале тешки зборови, имало и шлаканици, а Дора и Марија на крајот и буквално се степале. Сликарот уживал.
„Нека победи подобрата“, рекол тој.
Таа „подобрата“, барем во тој судир, била Дора. По тепачката таа се вселила во станот на Пикасо. Марија Тереза морала да се исели, со себе ја одвела и ќерката Маја, која ја имала со Пикасо. Судирот на двете жени Пикасо го овековечил на сликата „Борба во кафез“, на која прикажал две гулабици – црната, која ја претставувала Дора Мар, ја кубела и ја победувала белата птица, која ја симболизирала Марија Тереза.

Настанувањето на „Герника“
Во 1937 година Пикасо ја насликал „Герника“, своето најпознато дело. Дора била единствениот фотограф што го забележал создавањето на оваа слика од почеток до крај, а дури и самата насликала еден помал дел од композицијата. Како некогаш Марија Тереза, и Дора Мар морала да се помири со фактот дека Пикасо пронашол нова, помлада жена која го воодушевила. Ја оставил поради 40 години помладата сликарка Франсоаз Жило.
Доживеала нервен слом
Тоа било во 1943 година, иако нивната врска со прекини траела сè до 1945 година. Оставена, Дора доживеала нервен слом и долго време не закрепнала. Наводно, психијатарот што ја лекувал се обидел и со третмани со електрошокови, иако тие во тоа време веќе биле забранети. Пикасо ѝ купил куќа, во која живеела целосно изолирано, сама и оддалечена од сè земно, опкружена со предмети што ѝ ги подарил саканиот партнер и со сеќавања на него. Зборувајќи за портретот на Дора Мар, Пикасо открил:
Dora Maar in her studio, 1946, French photographer, painter and poet who is often only referred to as 'Picasso's muse' #womensart pic.twitter.com/ACzROAXoZF
— #WOMENSART (@womensart1) July 16, 2019
„Со години ја сликав како измачена, не од садизам, без никакво мое задоволство што го правам тоа, туку од покорност кон визијата што ми се наметна“.
Дури по смртта на Дора Мар во 1997 година било откриено дека уметницата во некој момент по раскинувањето со Пикасо сепак продолжила да создава. Во годините што следеле, нејзините слики и фотографии на аукции достигнале огромна вредност. За време на животот, уметницата не ги изложувала јавно.















