Познатиот македонски музичар Никола Перевски – Пере, фронтмен на култната група „Нокаут“, за првпат отворено проговори за една од најличните теми во својот живот – разводот со првата сопруга, со која стапил во брак на многу млада возраст.
Во емотивно гостување во емисијата „Животна приказна“ на МРТ, Пере искрено раскажа за предизвиците со кои се соочил како млад сопруг и татко, откривајќи дека веќе на 20 години ја добил својата прва ќерка. Денес, со животно искуство и зрелост зад себе, тој е горд татко на четири ќерки – Михаела, Каја, Софија и Ирис.
Иако разводот за многумина значи крај на еден тежок период, за Пере тој бил почеток на ново поглавје во кое научил важни лекции за животот, односите и родителството. На прашањето дали му се „срушил светот“ кога се развел, музичарот искрено призна дека тоа било тежок момент, но и дека со текот на времето сфатил дека некои работи е подобро да се завршат мирно и достоинствено.
✨„Дали ти се сруши светот кога се разведе, бидејќи беше многу млад?“, го праша водителката Здравка Милиќ, на што Пере одговори: „Па можеби да… никој не влегува во брак со цел да се разведе. Јас бев млад и тогаш, јас како млад сум бил неискусен од многу аспекти. Меѓутоа, сфаќаш дека некои работи е многу подобро да се решат на помирен начин. Сфаќаш дека тоа е подобро за децата, дека е тоа нормално и дека е подобро, пред сè, за себе.“
Музичарот потоа зборуваше за денешниот однос со поранешната сопруга и со поголемите ќерки од првиот брак и рече дека живеат на иста улица.
✨„Судбината нè спои сега да сме навистина блиску. Тие си живеат во посебен стан, меѓутоа сме на иста улица, на 15 метри сме, соседи сме сите. Се дружиме, разговараме за што и да било, поддршка си даваме едни на други и тоа е тоа“, изјави музичарот.

За најстарата ќерка Михаела, тој рече дека е многу горд што таа е дипломиран аудиоинженер и пее придружни вокали во „Нокаут“, а зборуваше и за нејзината помала сестра, Каја.
✨„Таа е во ‘Никола Карев’, општа гимназија. Таа сè уште се истражува, има многу голем талент за музика и пеење. Меѓутоа, не сака да се експонира. Многу е поповлечена, не е така екстровертна како Михаела, како Миа. Малку поинтровертна, позатворена, меѓутоа и со неа работам, сите придружни вокали ми ги има испеано на многу песни. И на многу други песни, за детски фестивали има испеано, а да не се знае дека е таа“, рече Пере за втората ќерка.










