„Водете го на СП“: Момчето од Зеница кое го „украде“ ливчето на Донарума стана тема во светските медиуми

Точка

06/04/2026

22:01

1.189

Големина на фонт

а а а

Афан Чизмиќ, собирач на топки на стадионот Билино поле, стана тема во светските медиуми откако беше откриено како го надмудрил еден од најдобрите голмани во светот, Џанлуиџи Донарума.

Додека страстите по елиминацијата на Италија во Зеница сè уште не се смируваат, во јавноста излезе неверојатна приказна за четиринаесетгодишното момче кое одигра клучна улога во победата на „Змејовите“ против Италија.

Непосредно пред изведувањето на пеналите, искусниот Донарума во казнениот простор оставил ливче на кое детално биле анализирани изведувачите на пенали од репрезентацијата на Босна и Херцеговина. Меѓутоа, младиот Афан го забележал ливчето, пришол и го зел.


„На ливчето точно пишуваше кој со која нога шутира и како изведува пенали – дали шутира лево, десно или го чека голманот до последната секунда“, објасни Афан за „Face TV“.

Неговиот храбар и многу важен потег целосно го извадил од такт италијанскиот голман.

„Донарума почна панично да го бара ливчето, гледаше насекаде околу себе, дури ги обвинуваше и обезбедувачите. Беше видно лут и разочаран“, раскажа младиот зеничанец.


Наместо да го задржи ливчето како сувенир, Афан и неговото семејство се одлучиле за благороден потег. Ливчето што „ѝ пресуди“ на Италија ќе биде ставено на аукција.

„Кога дојдов дома, му го покажав ливчето на татко ми. Решивме да го продадеме на аукција, а сите собрани средства да ги донираме во хуманитарни цели за оние на кои им е најпотребна помош“, изјави ова скромно момче.


Овој потег не помина незабележано. Поради неговата снаодливост и придонесот во историскиот успех, многумина сметаат дека треба да добие покана да ја следи репрезентацијата на Босна и Херцеговина на Светското првенство, а дали тоа навистина ќе се случи, останува да се види.