[ФОТО/ВИДЕО] Шокантна снимка од апсењето на славниот голфер: Тајгер Вудс едвај стои, па заспал во полициско возило

Точка

03/04/2026

10:38

1.177

Големина на фонт

а а а

Полицијата објави снимка од апсењето на голф-легендата Тајгер Вудс, кој неодамна изјави дека ќе се „повлече од јавноста на одредено време за да се посвети на лекување и да се фокусира на своето здравје“.

На снимките од полициската камера се гледа зашеметениот Тајгер Вудс како клечи покрај патот, а потоа и како тоне во сон на задното седиште од полициското возило по апсењето поради возење под дејство на опијати на Флорида.

Педесетгодишниот Вудс го превртел својот теренец во петокот, на 27 март, додека со голема брзина се обидувал да претекне друго возило, по што полицајците во неговиот џеб пронашле две таблети опијати, пренесуваат американските медиуми.


Снимка од апсењето

Канцеларијата на шерифот на округот Мартин објави видеоснимки кои го прикажуваат моментот кога полицајците го затекнале Вудс покрај патот – бил летаргичен, испотен и нестабилен на нозете. Снимката од камерата на полицаецот кој го уапсил го забележала и објаснувањето на Вудс за несреќата.

„Фрлив поглед на телефонот и одеднаш … бум!“, му рекол на полицаецот, опишувајќи како удрил во задниот дел од приколка на камион за перење под притисок и го превртел својот „Range Rover“ на страна.

На снимката се гледа како Вудс клечи на тревата додека го прегледуваат. Полицаецот го прашува: „Дали ви е вака удобно?“, на што тој одговара: „Да, да.“

Подоцна, за време на 17-минутното возење до станицата, Вудс седи на задното седиште, неконтролирано се проѕева, се бори со напади на икање и накратко заспива, цело време молчејќи.

Полициски извештај

Според полицискиот извештај, кај Вудс во левиот џеб од панталоните биле пронајдени две бели таблети со ознака „M367“. Станува збор за хидрокодон, опијат кој се користи за лекување силни или хронични болки и кој, според Националниот институт за злоупотреба на дроги, предизвикува силна зависност.

Во извештајот се наведува дека очите на 15-кратниот освојувач на „major“ турнири биле „крвави и стаклести“, а зениците „изразито проширени“. На прашањето дали зема лекови на рецепт, Вудс одговорил: „Земам неколку.“

Шерифот на округот Мартин, Џон Буденсик, изјави дека Вудс се движел со „голема брзина“ низ станбена улица со ограничување од 30 милји на час (околу 48 км/ч). За време на теренскиот тест за трезвеност, Вудс „кривел и се тетеравел“, по што било проценето дека не е способен за возење.


Тој прифатил алкотест, кој не покажал присуство на алкохол, но одбил тест на урина. Шерифот додаде дека Вудс бил „соработлив, но не давал изјави кои би можеле да го инкриминираат“. Поради одбивањето на тестот, рече шерифот, властите „веројатно никогаш нема да дознаат под чие влијание точно бил“.

Вудс во објава на мрежата „Икс“ наведе дека ја разбира сериозноста на ситуацијата и дека се повлекува од јавноста за да се посвети на лекување и закрепнување.

„Се повлекувам на некое време за да се подложам на лекување и да се фокусирам на своето здравје. Тоа е неопходно за да работам на долгорочно закрепнување“, наведе тој.


Додаде дека сака да се врати „поздрав, посилен и пофокусиран“ и ја замоли јавноста да ја почитува неговата приватност.

Ова е најнов во низата инциденти во животот на славниот голфер, кој во 2017 година беше осуден на условна казна поради невнимателно возење, а во 2021 година преживеа тешка сообраќајна несреќа по која имаше повеќе операции.


Историја на инциденти

Вудс е обвинет за возење под дејство, нанесување материјална штета и одбивање да се подложи на тест. Ова му е четврта сообраќајна несреќа. Во февруари 2021 година излетал од патот во Лос Анџелес со голема брзина, што резултирало со тешки повреди на ногата и зглобот, а лекарите тогаш, според неговите зборови, размислувале и за ампутација.

Ова воедно е и второ апсење на Вудс поради возење под дејство на опијати. Во 2017 година полицијата го пронашла како спие зад воланот на својот автомобил додека моторот сè уште работел. Тогаш изјавил дека земал лоша комбинација на лекови против болка и се изјаснил за виновен за невнимателно возење.


Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, чија поранешна снаа Ванеса е во врска со Вудс, го коментираше случајот во петокот попладне.

„Многу ми е жал за него. Поминува низ тежок период“, рече Трамп. „Тој ми е многу близок пријател. Неверојатна личност, неверојатен човек. Но да, има одредени потешкотии“, додаде тој.