Поранешен „воин“ на Симеоне за „еспалдиња“ потегот на Роналдо: Му порачав дека ќе му ја откорнам главата!

Макфакс

03/04/2026

08:29

402

Големина на фонт

а а а

Кристијано Роналдо водеше безброј битки со Атлетико Мадрид и во најголем дел градскиот ривал му беше омилена жртва, но во годините кога ривалството сериозно се разжести, Португалецот на едно дерби режираше и потег кој вечно ќе остане во сеќавање.

Португалецот играше со страшна самодоверба во најдобрите денови како прва ѕвезда на Реал, па на дерби пресметките знаеше да биде до толку опуштен, што си поигруваше со противниците играјќи со грб.

„Еспалдиња“ потегот на Роналдо во дуел со Раул Гарсија долго се вртеше на социјалните мрежи во минатото, а во период кога јавноста го има подзаборавено тој момент, сега поранаешниот „воин“ на Чоло Симеоне се потсети на инцидентот кој го имаше со Португалецот.

Веднаш откако Роналдо го изведе циркузантскиот потег, Гарсија имаше јасни забелешки за својот ривал, а сега во интервју со својот поранешен соиграч Марио Суарез откри што му порачал на Кристијано.

– Секогаш играв со многу карактер и кога не ми одеа работите добро на теренот, едноставно мразев да губам. Немам проблем да го признаам тоа, но секогаш почитта била на прв план кај мене, никогаш не сум омаловажил противник. Тој ден со Роналдо ми излегоа зборовите од внатре и му порачав дека ќе му ја откорнам главата, – открива Гарсија кој играше за Атлетико од 2007-ма до 2015-та година.