[ФОТО] Џиџи Буфон ја напушти репрезентацијата на Италија: Серија оставки по поразот од БиХ

Точка

02/04/2026

19:52

542

Големина на фонт

а а а

Фудбалот во Италија се наоѓа во целосен хаос по новиот дебакл на репрезентацијата, а лавината од оставки што го погоди тамуошниот сојуз не престанува!

Само еден ден откако функцијата ја напушти претседателот на Фудбалскиот сојуз на Италија, Габриеле Гравина, истото го направи и легендарниот голман Џанлуиџи Буфон.

Поранешниот чувар на мрежата на „азурите“, кој од 2023 година ја извршуваше функцијата шеф на делегацијата на репрезентацијата, одлучи да се повлече и за тоа ја извести јавноста преку социјалните мрежи, со емотивна порака.


„Оставката веднаш по натпреварот со Босна беше моја инстинктивна реакција. Почувствував длабоко во себе дека тоа морам да го направам. Беше спонтано, како солзи и болка во срцето“, напиша Буфон и додаде:

„Ме советуваа да почекам и да размислам, но откако претседателот Гравина поднесе оставка, сметам дека е одговорно и јас да го направам истото, иако верувам дека за кратко време направив многу“.

Буфон не го криеше разочарувањето поради неуспехот на репрезентацијата, која не успеа да се пласира на Светското првенство, што беше главната цел.

„Најважната задача беше пласман на Мундијалот, а тоа не го остваривме. Да ја претставуваш својата земја беше огромна чест. Вложив многу енергија за да ги поврзам сите делови на репрезентацијата“, истакна легендарниот голман.


Италијанскиот фудбал е на колена, бидејќи репрезентацијата третпат по ред остана без пласман на Светско првенство, што предизвика огромен гнев кај јавноста и навивачите. Гравина поднесе оставка по состанок со челниците на Сојузот, додека претходно пред канцеларијата го пречекаа незадоволни навивачи кои бараа негово заминување.

Дополнителен притисок пристигна и од државниот врв, бидејќи министерот за спорт Андреа Абоди отворено побара негова смена. Во меѓувреме, се шпекулира дека селекторот Џенаро Гатузо би можел да биде следниот што ќе го напушти бродот што тоне.

Новиот претседател на Фудбалскиот сојуз на Италија ќе биде избран во јуни во Рим, но јасно е дека „азурите“ ги очекува целосна реконструкција и долг пат на закрепнување по еден од најтешките периоди во историјата.