ЗНМ и ССНМ: Затворањето на РСЕ е загуба за јавниот интерес, потребна е поддршка за независните медиуми

Макфакс

01/04/2026

12:38

111

Големина на фонт

а а а

„Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат жалење поради престанокот на работата на македонскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Од таму велат дека ова е уште еден тежок удар врз критичкото, професионално и јавно одговорно новинарство, не само во Македонија, туку и пошироко во регионот и на глобално ниво, во време кога на јавноста ѝ е потребно повеќе проверено информирање, а не помалку.

„Радио Слободна Европа со децении беше препознатлив медиумски глас на слободата, одговорноста и јавниот интерес. Македонскиот сервис постоеше од 2001 година и со отворањето важни општествени теми и одржувањето на високите професионални стандарди остави длабока трага во информирањето на граѓаните. До колешките и колегите кои ја загубија работата упатуваме искрена солидарност, почит и охрабрување. Нивниот труд, интегритет и придонес за јавниот интерес не смеат да бидат занемарени, ниту третирани како обична колатерална штета на политички и буџетски одлуки. Овој развој уште еднаш покажува дека без стабилни, фер и транспарентни механизми за поддршка, плуралистичкото новинарство останува ранливо. Затоа, ЗНМ и ССНМ уште еднаш потсетуваат дека воспоставувањето на Фонд за медиумски плурализам не е прашање на добра волја, туку демократска потреба и предуслов за поттикнување квалитетно, разновидно и новинарство ориентирано кон јавноста. Советот на Европа со години повикува државите да развиваат стратегии и механизми за одржливост на разновиден медиумски екосистем и за создавање поволна средина за квалитетно новинарство како јавно добро“, пишуваво соопштението.

ЗНм и ССНМ потсетуваат дека во Македонија ова прашање не е ново. Во рамки на медиумската реформска агенда поддржана од Европската Унија во 2023 година беше подготвен нацрт на нов Закон за медиуми, кој предвидува одредби за создавање на ваков фонд. Дополнително, извештаите на ЗНМ укажуваат дека претходно подготвените нацрт-закони веќе предвидуваат воспоставување на Фонд за медиумски плурализам и разновидност, и истите беа доставени до надлежните министерства, но без понатамошен напредок. Тоа значи дека решенија постојат и истите треба да се претворат во пракса.

ЗНМ и ССНМ затоа бараат од Владата и од сите надлежни институции без понатамошно одлагање да го обноват процесот за воспоставување на Фонд за медиумски плурализам, како независен, праведен и транспарентен механизам што ќе го штити јавниот интерес, ќе ја зајакне разновидноста на уредувачките позиции и ќе придонесе за подобри услови за работа на новинарите и медиумските работници. Според нив, ова е од исклучителна важност и за охрабрување на локалното новинарство и локалните медиуми, како и за поттикнување на теми од локален јавен интерес.

Во спротивно, велат од ЗНМ и ССНМ, ќе продолжиме да сведочиме на слабеење на критичките гласови, гасење на редакции и натамошно осиромашување на медиумскиот простор, како на централно, а уште повеќе и на локално ниво.

„Денес, кога згаснува еден важен медиумски глас, пораката мора да биде јасна: одбраната на медиумскиот плурализам не смее да остане декларативна, затоа се потребни конкретни политики и институционална одговорност“, пишува во заедничкото соопштение