Хрватската блогерка за патувања Вана Бојовиќ била во посета на Палау, мала островска држава во Тихиот Океан и споделила интересен детаљ што ја пречекал веднаш по пристигнувањето во земјата.
Палау е островска држава сместена во западниот дел на Тихиот Океан, околу 500 километри источно од Филипините. Се состои од повеќе од 340 острови, од кои најголеми се Бабелдаоб, Корор и Пелелиу.

Позната е по недопрената природа, коралните гребени и разновидниот подводен свет, поради што е популарна дестинација за нуркачи и љубители на екотуризмот.
Бојовиќ, која ја посетила земјата, во видео објавено на ТикТок споделила кадри од островот со тиркизни нијанси на морето. Исто така, споделила и интересен детаљ поврзан со самиот влез во земјата.
„Кога ќе слетате во Палау, на имиграција добивате посебен печат во пасошот што се вика ’Palau Pledge‘ и пред да влезете во земјата мора да го потпишете“, истакнала таа.
Објаснила дека тоа е ветување што го давате не на владата, туку на децата на Палау, дека ќе ги почитувате нивната природа, култура и начин на живот. Во тоа ветување стои дека ќе се однесувате одговорно, дека нема да земате ништо од природата и дека оваа островска држава ќе ја оставите еднакво недопрена каква што сте ја затекнале.

Таа додала дека Палау е земја со еден од најбогатите морски екосистеми во светот и дека поради тоа решиле да ги променат правилата за да ја заштитат својата природа.












