Од сцената на историската концертна сала во Амстердам, виолинистката Хјунџин Чо и виолончелистката Ефстратија Халулаку гледаат кон редовите млади лица осветлени од светлината на екраните на лаптопите.
Кадифените црвени седишта во главната концертна сала на „Concertgebouw“ се зафатени од студенти кои учат за претстојните испити и ги довршуваат своите трудови, додека просторот одекнува со класична музика.
Студентите не се непристојни што не обрнуваат внимание на музичарите. На овој настан токму и треба да учат, а музиката е тука да им помогне, а не да ги попречува.
Овие сесии за учење првпат беа организирани за време на пандемијата на коронавирусот, на иницијатива на „Entree“, младинското здружение на „Concertgebouw“, со цел да им се помогне на студентите да ја подобрат концентрацијата и воедно да се запознаат со убавините на класичната музика. Оттогаш тие станаа полн погодок.
За време на една неодамнешна сесија, музичарите изведуваа „Canon in D Маjor“ од германскиот композитор Јохан Пахелбел, дела од Хендл и Шуберт, но и малку филмска музика од анимираните остварувања на студиото „Ghibli“.
Звуците го исполнуваа просторот чии ѕидови се украсени со позлатени имиња на славни композитори, од Равел до Малер, од Вагнер до Моцарт.

Музиката ѝ помогнала на 21-годишната Кира Мулдер да се фокусира на проект за студиите по работна терапија на Универзитетот за применети науки во Амстердам.
„Навистина е многу смирувачки и нѝ помага да се концентрираме на работата што треба да ја завршиме, што ме изненадува бидејќи инаку и не слушам класична музика. Така што ова е ново искуство за мене“, вели Мулдер.
Додека музичарите свиреле, во концертната сала пристигнувале сè повеќе студенти, некои со кафе во рака, со лаптопи и книги што ги ставале во скут. На ознаките во салата стои лозинка за бесплатна Wi-Fi мрежа, а влезницата за сесијата чини само 2,50 евра.

„Ова е еден од многуте начини да ја привлечеме помладата публика во ‘Concertgebouw’, а ова е толку инспиративно место за учење со одлична музика, во овој прекрасен амбиент“, вели генералниот директор на салата Симон Рејнинк.
Тој се надева дека настанот ќе им помогне на посетителите да учат, но и ќе инспирира нова генерација да ја засака класичната музика и повторно да доаѓа на концерти.
„Ова е еден од начините, на некој начин, да ја привлечеме помладата публика да го открие ‘Concertgebouw’ и, се надевам, да бидат воодушевени и да дојдат повторно“, изјави Рејнинк.

Професорот Бас Блум, невролог на Универзитетскиот медицински центар Радбауд во холандскиот град Најмеген, вели дека додека музиката на некои луѓе може да им пречи при концентрација, на други може да им помогне да се фокусираат.
„Значи, не постои решение што одговара на сите. И не мислам дека тоа е доволно истражено, но мислам дека причината зошто музиката во позадина може да биде толку смирувачка е тоа што создава состојба на ‘flow’“, изјави за AP.
Студентот по медицина Тимен Брукман вели дека спојот на музика и фактот што учи на поинакво место од она на кое е навикнат му помогнал истовремено да ужива и во учењето и во музиката. Вели дека слушањето музика додека учи не му пречи.
„Овде е навистина мирно, а музиката е убава и тивка. Тоа ми помага да се концентрирам“, вели Брукман.
















