Програмер предупредува: Родителите би требало да ги надгледуваат децата 24/7 додека играат „Роблокс“

Точка

27/03/2026

15:00

528

Големина на фонт

а а а

Независен програмер на игри за „Роблокс“ смета дека мерките за безбедност на децата на платформата, вклучително и проверката на возраста, не се доволни.

Роблокс е најпопуларната платформа за игри во светот меѓу децата на возраст од осум до дванаесет години.

Во ексклузивно интервју за „Би-би-си Радио 5“, програмерот – чие име, на лично барање, не е објавено – ги советува родителите да ги следат своите деца на оваа платформа „24/7“, а ако тоа не е можно, тогаш не би требало да им дозволат да играат Роблокс.

Портпаролот на платформата изјавил дека „безбедноста е главен приоритет и дека имаме напредни заштитни мерки и филтри дизајнирани да спречат штетна содржина и комуникација на нашата платформа, со цел да ги заштитиме сите наши корисници“.


Во 2024 година, Роблокс во просек имал повеќе од 80 милиони играчи дневно ширум светот — од кои приближно 40 отсто биле помлади од 13 години.

Програмерот „Сем“ (не сакал да се користи неговото вистинско име), но го контактирал Би-би-си откако слушнал интервју во емисијата на Радио 5 со Мет Кауфман, главен службеник за безбедност во Роблокс.

Во интервјуто, Кауфман зборувал за бројните безбедносни проверки што ги користи платформата, вклучително и задолжителните проверки на возраста што биле воведени во јануари 2026 година за сите корисници во Велика Британија.

„Сем“, кој не е вработен во Роблокс, туку е независен програмер на платформата Роблокс по договор, исто така работи и како волонтер за непрофитна организација за безбедност на интернет.

Тој навел дека од прва рака имал можност да види дека безбедноста воопшто не е таква каква што ја претставувал Кауфман.

Штетна или насилна содржина

Роблокс е платформа каде што корисниците можат да креираат сопствени игри или да играат игри што ги направиле други креатори. Таа е поставена како отворен свет, каде што играчите можат да комуницираат меѓусебно.

Креаторите исто така мора да дадат опис на играта и ознака за зрелост на содржината, која се користи за да ѝ се додели соодветен возрасен опсег.


Секој играч може да креира игри и да заработува пари од рекламирање или со наплата на други корисници за играње. Некои се и во програмата за креатори на Роблокс, каде што платформата директно ги плаќа во зависност од ангажманот на корисниците или од привлекувањето нова публика.

Критичарите велат дека платформата треба да направи повеќе за да ги заштити милионите многу млади играчи, а некои тврдат дека таа е мета за насилници. Други тврдат дека може да ги изложи децата на штетна или насилна содржина преку видовите игри што се креираат.

„Сум видел луѓе на оваа платформа како биле намамени да се вклучат на начини на кои не би требало со целосни странци“, наведува програмерот.

Тој додал дека, во својата улога на надзорник за безбедност, исто така видел извештаи за „луѓе кои ги повикуваат играчите надвор од платформата“ да водат разговори надвор од играта, нешто што „Роблокс не го дозволува“.

„Сум видел игри во кои целта е да се застрелаат што е можно повеќе луѓе во прикажана верзија на Сенди Хук или Колумбајн. Сум видел и реплики на островот на Епстин на Роблокс“.


Сите забелешки биле формално пријавени, но програмерот наведува дека „можеби само 30 отсто навистина ќе бидат прифатени“.

На прашањето што им советува на родителите на деца кои влегуваат во светот на игрите, а никогаш претходно не користеле Роблокс, „Сем“ рекол: „Кога играат Роблокс, децата треба да се следат 24/7. А ако тоа не е можно, тогаш не би требало да ја играат оваа видеоигра“.

Во соопштение дадено за Би-би-си, Роблокс наведува дека презел „брзи мерки против оние за кои е утврдено дека ги прекршуваат нашите правила“. Се наведува дека е спроведен процес на проверка на возраста сертифициран од независни експерти, така што децата, по правило, се ограничени на допишување со корисници на слична возраст.

„Исто така, континуирано го следиме однесувањето на корисниците. Ако откриеме назнаки дека нивните постапки не одговараат на нивната потврдена возраст, ги поттикнуваме корисниците повторно да ја потврдат возраста“, се додава.

Глобални забрани

Ова не е првпат платформата да одговара на прашања за безбедноста на своите млади играчи.

„Роблокс“ месечно има повеќе корисници отколку „Нинтендо Свич“ и „Сони Плејстејшн“ заедно.

Во март 2025 година, извршниот директор на компанијата „Роблокс“, Дејв Базуцки, изјавил за Би-би-си њуз дека компанијата вложува најголеми напори за да ги заштити децата.

Сепак, „Сем“ ги повикал родителите да се водат според сопствениот инстинкт.

„Мојата прва порака би била: ако не сте сигурни, не им дозволувајте на вашите деца да бидат на Роблокс. Тоа звучи малку парадоксално, но јас секогаш би им препуштил на родителите самите да донесуваат одлуки“.


Платформата оттогаш вовела задолжителна проверка на возраста ширум светот и направила безбедносни промени, вклучително и блокирање на децата да разговараат со возрасни.

Земји, вклучувајќи ги Русија и Турција, целосно го забранија Роблокс, наведувајќи загриженост за безбедноста на децата. Индонезија исто така го стави на листата на платформи забранети за помлади од 16 години, што стапува во сила на 28 март.

Забраната за социјални мрежи за помлади од 16 години во Австралија не го вклучува Роблокс, иако некои активисти таму повикаа на негова забрана.

Сè повеќе европски земји исто така размислуваат за забрана на користење социјални мрежи за деца и разгледуваат други мерки за младите да бидат побезбедни на интернет, вклучително и временски ограничувања за апликации и полициски час.