Возбудлив експеримент во CERN: Камион во круг ја вози најскапата супстанца на Земјата која ништо не смее да ја допре

Точка

24/03/2026

15:00

755

Големина на фонт

а а а

Научниците во европската организација за нуклеарни истражувања CERN започнаа денес пионерски експеримент за транспорт на антипротони, со цел да се утврди дали е можно нивно пренесување со камион, пренесе денес агенцијата AP.

Како што истакнуваат истражувачите, ако оваа антиматерија дојде во контакт со вистинската материја, дури и во дел од секунда, ќе биде уништена со зрак на енергија.

Во рамки на тестирањето, научниците ќе се обидат да пренесат околу сто антипротони со камион, кои се сместени во вакуум во специјално дизајнирана кутија и се задржуваат на место со помош на суперладни магнети.

Се очекува целиот процес на транспорт да трае околу четири часа, вклучувајќи и половина час возење.


Целта на експериментот е да се тестира како, ако воопшто е можно, бескрајно малите честички можат да се транспортираат без протекување.

Ако сè помине во ред, антипротоните ќе бидат вратени во лабораторијата. Тежок дел од експериментот се однесува на манипулирање со антиматеријата, како антипротоните, што, според наведувањата, може да биде комплицирана работа.

Како што научниците денес го разбират универзумот, за секој вид честичка која постои, постои и соодветна античестичка, која се совпаѓа со честичката, но со спротивно наелектризирање.

Доколку овие спротивности дојдат во контакт, тие се „уништуваат“ меѓусебно, ослободувајќи голема енергија, во зависност од вклучените маси.


Било какви нерамнини на патот за време на пробното возење, кои нема да ги неутрализира специјално дизајнираната кутија, би можеле да го уништат целиот експеримент.

Денешното тестирање претставува прв чекор кон остварување на надежта дека еден ден антипротоните од CERN ќе можат да бидат испорачани на истражувачите на Универзитетот Хајнрих Хајне во Дизелдорф, во Германија, кој е оддалечен околу осум часа во нормални услови на возење.

Универзитетот Хајнрих Хајне се смета за подобро место за детално проучување на антипротоните, бидејќи CERN, со сите свои други активности, генерира многу магнетни пречки кои можат да ја искриват студијата на антиматеријата.


Сепак, за да стигнат таму, ќе мора да се избегне тие антипротони да допрат било што на патот.

Центарот CERN со седиште во Женева е најпознат по својот Голем хадронски судирач, мрежа на магнети кои ги забрзуваат честичките низ подземен тунел долг 27 километри и ги судираат со брзини кои се приближуваат до брзината на светлината, по што научниците ги проучуваат резултатите од тие судири.

Официјални лица од лабораторијата наведуваат дека „фабриката за антиматерија“ на CERN е единственото место во светот каде научниците можат да складираат и проучуваат антипротони, пренесе AP.