Бурата што го зафати поголемиот дел од Хрватска не стивнува. ХАК известува дека сите патишта што ја поврзуваат Далмација со остатокот од Хрватска се затворени за товарни возила, а службите за итни случаи извршија неколку стотици интервенции поради бурата.
„Нема слободен патен правец за камиони со приколки и влекачи со полуприколки од внатрешниот правец кон хрватскиот брег и Далмација, и обратно, поради зимските услови на автопатот А6, државниот пат ДЦ3 низ Горски Котар, автопатот А1“, известуваат хрватските надлежни служби.
Тие предупредуваат на бројни ограничувања и прекини на сообраќајот на речиси сите главни сообраќајни правци во Хрватска, која е погодена од бура проследена со обилни врнежи од дожд и силен ветер.
Поради неповолни временски услови, прекинати се поголем дел од фериботските линии, пренесуваат тамошните медиуми.
Пожарникарите со полни раце работа а најмногу со отстранување на паднатите дрвја. Ситуацијата е особено тешка во Загреб, каде итните служби имале повеќе од 100 интервенции, што го потврди и градоначалникот Томислав Томашевиќ.
„Имавме над 100 интервенции, претежно од пожарникари“ рече градоначалникот.
Тој нагласи дека најважно е што немало повредени во текот на целиот ден и дека сè е решено многу брзо, така што немало поголеми прекини во функционирањето на градот.
Постојано пристигнуваат извештаи за паднати дрвја на бројни локации, „24sata“ пишува дека ветерот го однел покривот на една куќа, кој завршил во дворот на блиското училиште.
Медиумите јавуваат дека голем број автобуски линии биле во прекин.
А поради паднати електрични кабли има и пренасочување на сообраќајот.












