[ВИДЕО] Пристигнуваат најочекуваните филмови на годината: Април полн со хитови од различни жанрови

Точка

26/03/2026

10:39

427

Големина на фонт

а а а

Април носи исклучително разновиден филмски репертоар, па публиката во кината ќе може да избира меѓу продолженија на култни хитови, драми, хорори и големи биографски приказни.

Меѓу насловите кои веќе привлекоа големо внимание, а чии премиери нè очекуваат токму во април, се издвојуваат следните филмови:

„The Devil Wears Prada 2“

По речиси две децении, се враќаме во светот на високата мода и немилосрдната медиумска индустрија. Продолжението на филмот „The Devil Wears Prada“ ја следи Миранда Пристли која се соочува со предизвиците на современото дигитално доба и падот на традиционалните магазини, додека се обидува да го задржи своето влијание и репутација.

Во исто време, повторно се вкрстуваат патиштата на старите познаници, што отвора простор за нови судири и неочекувани сојузи.

Улогите повторно ги толкуваат Мерил Стрип, Ен Хатавеј, Емили Блант и Стенли Тучи, додека режијата ја потпишува Дејвид Франкел.

„The Drama“

Овој филм носи необична комбинација на романса и црн хумор. Приказната се фокусира на млад пар пред венчавка чиј однос почнува да пука кога на површина излегуваат тајни што долго биле скриени. Како што вистината се разоткрива, границата меѓу љубовта и манипулацијата станува сè потенка.

Главните улоги ги играат Зендаја и Роберт Патинсон, додека режијата ја потпишува Кристофер Боргли.

„The Mummy“

Новата верзија на познатата приказна за мумијата овој пат носи значително помрачен и пострашен пристап. Наместо авантура, фокусот е на чист хорор — семејство кое ја пронаоѓа исчезнатата ќерка набрзо сфаќа дека со неа се вратило древно зло кое им се заканува на сите околу нив.

Во филмот глумат Џек Рејнор, Лаиа Коста и Меј Каламав, а режисер е Ли Кронин, познат по современите хорор остварувања.

„Michael“

Еден од најочекуваните филмови на годината носи приказна за животот на кралот на попот, Мајкл Џексон. Филмот го следи неговиот подем од детството во групата „Jackson 5“ до глобалната слава, но и предизвиците и контроверзиите што го одбележаа неговиот живот.

Главната улога ја толкува Џафар Џексон, додека режијата ја потпишува Антоан Фукуа. Филмот ветува поинтимен поглед на уметникот чиј влијание врз музиката и поп-културата е немерливо.

„You, Me & Tuscany“

За љубителите на романтиката пристигнува приказна сместена во прекрасните пејзажи на Италија. Филмот следи млада жена која заминува во Тоскана за да започне нов живот, но таму пронаоѓа љубов што ѝ ги менува плановите и ја тера да ги преиспита сопствените одлуки.

Во главните улоги се Хејли Стајнфелд и ѕвездата на „Bridgerton“, Реже-Жан Пејџ, а филмот носи спој на романтика, личен раст и медитеранска атмосфера.