[ФОТО] Ивана Лескароски прослави роденден и 5 години без рак, покрај болничкиот кревет на својот син: „Не секоја роденденска свеќичка се дува со леснотија, некои се дуваат со борба, болка и надеж“

Точка

25/03/2026

14:15

715

Големина на фонт

а а а

Ивана Лескароски од Охрид е жена со голема сила и храброст - мајка на Роман и сопруга на поранешниот фудбалер Дејан Лескароски, кој денес работи како помошник-тренер.

Низ животот се соочила со бројни предизвици, вклучувајќи трагична загуба на две деца и 10 спонтани абортуси, но успеала да најде сила повторно да стане мајка.

Сепак, животот повторно ја ставил пред големо искушение, бидејќи и покрај тоа што предвремено го родила својот син Роман, таа истовремено морала да се грижи и за здравјето на сопругот.


Потоа следувал период на привремен мир, но семејството наскоро се соочило со нови предизвици. Ивана се соочила со рак на тироидната жлезда, но успеала да ја надмине болеста и денес слави пет години живот без рак.

Нејзиниот син, Роман, на 9-годишна возраст, бил дијагностициран со пет различни здравствени состојби со кои се соочува секојдневно.

Овој период за него е голем предизвик, но Ивана и Дејан, како и секогаш, остануваат цврсто обединети и го поддржуваат во сите битки, покажувајќи херојство во секојдневието.


И покрај тоа што животот ѝ приредил бројни предизвици и тешкотии, Ивана наоѓа сила да остане позитивна и на социјалните мрежи се труди да покаже дека секој предизвик треба да се надмине со храброст и достоинство.

Сега таа го прослави својот 37-ми роденден, во друштво на своите најблиски, во еден значаен ден кој истовремено е и прослава на пет години живот без рак.

Во продолжение, во целост ви ја пренесуваме нејзината роденденска објава која никого не остава рамнодушен:

„Роденден… И не, не ми е до славење како порано.

Не ми е до бучава, до гужви, до големи насмевки што кријат болка. Но сепак… славам.


Славам затоа што денес не славам само уште една година живот, туку славам 5 години победа.

5 години откако му реков НЕ на канцерот. 5 години борба, падови, солзи што никој не ги виде, но и вера што никогаш не згасна.

Славам затоа што сум тука. Канцер слободна. Жива. Силна. Поинаков човек… но непобедлива.

Овој роденден не ми е како другите. Овој роденден ме потсетува зошто не смеам да се откажам. Ме потсетува дека секој здив е подарок, дека секое утре е нова шанса за победа.


И денес… имам уште поголема причина да се борам. Мојот Роман. Моето око, мојата сила, мојата најголема молитва.

Ако нешто посакувам денес, тоа не е за мене. Не е здравје за мене, не се желби за мене… Сакам следниот мој роденден да го дочекам со насмевка што ќе значи уште една победа.

Победа на моето дете. Победа на Роман. И знам дека ќе дојде тој ден.

Затоа што оваа мајка не се откажува. Затоа што љубовта не губи. Затоа што вербата е посилна од секоја дијагноза.


Денес не славам роденден… Денес славам ЖИВОТ.

И ветувам, ќе се борам додека и последната битка не стане победа. Нека ми е среќен роденденот а јас, можам, морам, сакам ќе успеам во се што следува имам за кого, за Дејан, за Роман, за двата ангели на небото, за моите сакани и за сите вас на кои сум инспирација и пример за тоа како се бори со животот секој ден и се до последен здив“.

Во уште една објава, Ивана сподели:

„Овој роденден нe беше гласен. Го славев тивко, со солзи и со насмевка во исто време.


Не славев со гужва и музика, славев во кревет, таму каде што животот не стави да бидеме најсилни.

До мене ,мојата најголема сила, мојот Роман. Додека тој дуваше свеќички заедно со мене сфатив дека не секоја роденденска свеќичка се дува со леснотија, некои се дуваат со борба, со болка, со надеж и со љубов што нема граници.

Во тој момент не посакав ништо за себе, само здравје, сила и уште многу вакви моменти заедно со мојот херој.

Животот ме научи дека родендените не се бројкa,туку доказ дека сме тука, дека издржуваме, дека паѓаме и пак стануваме. Денес не славев само роденден. Славев живот, храброст и сила“.