Манчестер Сити-Реал Мадрид е натпреварот кој предизвикува најголемо внимание во денешната програма од осминафиналната рунда во Лигата на шампионите без разлика на тоа што „кралевите“ првото соочување го добија со 3-0.
Ова е нов меч, меч на кој домаќин е премиерлигашот, меч кој се игра на „Итихад“ и ќе биде интересно да се види дали „граѓаните“ можат да се вратат во игра или да бидат блиску до кам-бек во оваа пресметка која станува „Ел Класико“ во елитното натпреварување.
Сити тргнува со минус три и Пеп Гвардиола како човек од фудбалот добро знае дека противникот има огромна предност, па смета дека за да се случи „чудо“ прво и основно е неговиот тим да одигра перфектен натпревар.
- Мора да биде совршен натпревар во многу, многу области. Нашите луѓе, судиските одлуки – за многу, многу работи, мора да биде толку добро да се прават вакви работи.
- Мораме да преземеме повеќе ризици во однос на обидите, но дури и ако резултатот не е добар во првото полувреме, мора да продолжиме, да продолжиме понатаму, бидејќи никогаш не се знае. Никогаш не се знае, - порача Шпанецот.
Соочувањето е закажано за вечерва од 21 часот.








