Ова се сите трки што биле откажани во историјата на Формула 1, некои од нив се легендарни

Точка

16/03/2026

18:01

349

Големина на фонт

а а а

Формула 1 во саботата објави дека трките за Големата награда на Бахреин и Саудиска Арабија во април се откажани поради воени операции на Блискиот Исток. Ова не е првпат трки да се откажуваат во текот на сезоната.

Покрај трките што требаше да се одржат оваа сезона во Бахреин и Саудиска Арабија, низ историјата се откажани уште многу трки. Првпат тоа се случило уште далечната 1955 година.

Франција, Швајцарија, Шпанија и Германија – 1955

Четири трки беа откажани во 1955 година по злогласната катастрофа на „Le Mans“ таа година, во која загинаа 80 гледачи, како и возачот Пјер Левег.

Инцидентот се случил кога автомобилот на Левег дошол во контакт со друго возило, по што делови од кршот со огромна брзина полетале кон трибините. Автомобилскиот свет го преплави бран на тага.

Поради тоа, претстојните трки во Формула 1 во Франција, Швајцарија, Шпанија и Германија беа откажани, што доведе до значително скратена сезона во 1955 година.


Холандија и Шпанија – 1956

Трките на патеките Зандвоорт и Мадринг требаше да се возат во јуни и октомври таа година, но последиците од Суецката криза имаа огромно влијание врз целиот настан. Поради превисоките цени на горивото и нестабилната економска ситуација во светот, трките беа откажани.


Белгија и Холандија – 1957

Големата награда на Белгија на легендарната патека „Spa“ требаше да биде врв на сезоната 1957, но и врз неа влијаеше Суецката криза. Трошоците за гориво енормно пораснаа, а организаторите поради економската ситуација побараа од секој тим да се согласи на пониски надоместоци за настап.

Тимовите го одбија тоа, а трката беше откажана во последен момент. Празнината ја пополни еднократна трка во Пескара во Италија, на патека што минуваше низ села и планини и која беше значително поразлична од повеќето патеки на кои возачите беа навикнати.

Стерлинг Мос победи на неа, а потоа таа трка никогаш повеќе не беше одржана. До денес таа го држи рекордот за најдолга патека на која некогаш се возела Формула 1, со должина од 25,5 километри.

Трката во Холандија беше откажана од истите причини, како и претходната година, но за неа не беше пронајдена замена.


Белгија – 1969

До доцните 1960-ти „Spa“ беше една од најстрашните патеки во календарот. Загриженоста за безбедноста на неа растеше од година во година, а легендарниот Џеки Стјуарт ја предводеше кампањата барајќи подобрувања за Големата награда на Белгија во 1969 година.

Организаторите не реагираа, а како резултат на тоа новоформираната Асоцијација на возачи на Гран при (GDPA) ги повлече сите возачи, односно сите одбија да се тркаат, па трката не можеше да се одржи.

„Spa“ се врати во шампионатот следната година, но трката од 1969 остана пример како активизмот на возачите може да биде посилен од водечката организација, особено кога станува збор за безбедноста на патеката.


САД – 1981 до 1985

Тркањето во Њујорк отсекогаш било интересна тема за Формула 1, а на патеката „Watkins Glen“ на северот од сојузната држава Њујорк трките се одржуваа од 1961 до 1980 година. На неа победија бројни легенди на спортот, но во 1980 беше откриено дека организаторите должат пари на возачите и тимовите.

Трката за 1981 беше откажана, но повторно се појавуваше во календарот од 1983 до 1985 година. Овојпат идејата беше да се одржи на улиците на самиот град Њујорк.

Сепак, еколошките протести, правните предизвици и потешкотиите во обезбедувањето телевизиски и спонзорски договори никогаш не дозволија таа идеја да стане нешто повеќе од визија.

Остана една од најпознатите „планирани“ трки во историјата на Формула 1. Луѓето и денес зборуваат за трка низ улиците на Њујорк, како што зборуваат и за Лондон, но и двете идеи, колку и да звучат привлечно, би биле логистички кошмар.


Белгија – 1985

Ова беше единствената трка што беше откажана среде самиот тркачки викенд. Имено, нов асфалт беше поставен на патеката само две недели пред почетокот на настанот. За време на слободните тренинзи делови од патеката почнаа да се распаѓаат и брзо стана јасно дека е невозможно да се одржи трката.

Подоцна беше откриено дека новиот асфалт бил поставен по целата ширина на патеката, вклучувајќи и делови што не биле предвидени за реконструкција. Поради тоа не се стврднал правилно, па трката беше откажана вечерта пред да се одржи.


Португалија – 1997

Трката требаше да се одржи на патеката „Estoril“, но „FIA“ ја откажа бидејќи организаторите не ги спровеле безбедносните подобрувања што ги побара управувачкото тело.

Терминот потоа беше доделен на Европската голема награда, која се одржа на патеката „Circuito de Jerez“ во Шпанија.


Бахреин – 2011

Организаторите беа принудени да ја откажат Големата награда на Бахреин во 2011 година по Арапската пролет, серија антивладини протести и бунтови низ Блискиот Исток.

Набил Раџаб, потпретседател на Бахреинскиот центар за човекови права, сугерираше дека демонстрантите би можеле да организираат протести на патеката „Bahrain International Circuit“ за да го искористат глобалното внимание што го носи Формула 1.

Поради тоа трката ја откажа Салман бин Хамад бин Иса Ал Калифа, престолонаследник на Бахреин.


Разни трки – 2020/2021

За шампионатот во 2020 првично беа планирани 22 Големи награди. Сепак, пандемијата на „COVID-19“ доведе до бројни откажувања и одложувања.

Новиот календар се состоеше од 17 Големи награди – девет од првичниот календар за 2020 и уште осум дополнителни трки, додека преостанатите 13 првично планирани трки беа откажани.

Сезоната започна со две трки во Австрија, а подоцна во сезоната се возеа и две трки на патеката „Silverstone“, како и две трки на патеката „Bahrain International Circuit“. Поради пандемијата беа откажани уште пет трки и во 2021 година.


Emilia Romagna – 2023

Регионот Емилија-Ромања беше целосно под вода откако за помалку од три недели падна количина дожд што обично паѓа за половина година. Поплавите однесоа 17 животи и ги принудија организаторите да ја откажат трката само неколку дена пред настанот.

Беше наведено дека би било целосно неразумно итните служби да се користат за обезбедување на протоколот на трката и дека сите ресурси мора да бидат насочени кон спасување животи и обновување на регионот.


Бахреин и Саудиска Арабија – 2026

Големата награда на Бахреин, како и Големата награда на Саудиска Арабија, беа отстранети од календарот по ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток. Организаторите и раководството на Формула 1 се најдоа во ситуација во која стана невозможно да се гарантира безбедноста на возачите, тимовите и персоналот.

Покрај безбедносните грижи, дополнителен проблем претставуваа и нарушувањата во патувањата, како и логистиката за преместување на целата „F1“ операција во регион што се наоѓа под закана, поради што одржувањето на трките стана неизводливо.

Формулацијата на соопштението на Формула 1 сугерира дека трките во двете богати земји би можеле да се одржат во подоцнежен термин во текот на сезоната, доколку ситуацијата на Блискиот Исток се смири.